24.01.2012, 11:24 Филе: Напролет стартува Пристапниот дијалог на високо ниво со Македонија
Како што посочи еврокомесарот, пристапниот дијалог ќе ја засили соработката на унијата со земјата во однос на следењето на напредокот во клучните области, меѓу кои ги наведе слободата на изразување, владеењето на правото, реформата на администрацијата и борбата против корупцијата
Македонија и Европската Унија напролет ќе започнат Пристапен дијалог на високо ниво, најави комесарот за проширување Штефан Филе, по вчерашниот осми состанок на Советот за стабилизација и асоцијација.
Како што посочи еврокомесарот, пристапниот дијалог ќе ја засили соработката на унијата со земјата во однос на следењето на напредокот во клучните области, меѓу кои ги наведе слободата на изразување, владеењето на правото, реформата на јавната администрација, изборниот процес и борбата против корупцијата.
„Многу е важно дека го искористивме денешниот состанок да потврдиме дека ќе го почнеме Пристапниот дијалог на високо ниво со поранешната југословенска Република Македонија оваа пролет. Ова ќе даде нова поддршка во нашите односи и ќе ја засили нашата соработка во петте приоритетни полиња што ги споменав. Во една од тие области, владеењето на правото, ќе го искористиме моментумот креиран со новиот предлог на комисијата за поглавјата 23 и 24, што се однесуваат на фундаменталните права, судството, правда, слобода и безбедност и можеме да почнеме со техничките консултации што се однесуваат на прашањата покриени со овие две важни поглавја", рече Фуле на вечерашната прес-конференција во Брисел.
„Верувам дека се согласивме за натамошниот пат во пристапниот процес, што треба да го одржи реформскиот моментум и, како што посочив, не само да го одржи моменутмот, туку и да создаде нов динамизам, динамизам во односите што ќе се однесува на агендата за проширувањето. Ова е важно не само за земјата, туку е во интерес и на поширокиот регион и Европската Унија", објасни еврокомесарот Фуле.
Шефот на македонската дипломатија Никола Попоски, од своја страна, побара да се сочува кредибилитетот на процесот на проширување преку овозможувањето напредок на Македонија. Во тој контекст пред еврокомесарот Фуле и шефот на данската дипломатија Вили Совндал побара отпочнување на пристапните преговори со унијата во најскоро време, како и премин во втората фаза од Спогодбата за стабилизација и асоцијација.
„Беше повикано на одбегнување на натамошно блокирање на натамошните интеграциски напори во оние организации кадешто Република Грција е земја-членка. Бидејќи сме целосно посветени на натамошно остварување на сите приоритети и целосна имплементација на Спогодбата за стабилизација и асоцијација, очекуваме дека ќе бидеме во можност во најскоро време да ги отпочнеме преговорите за приклучување кон Европската Унија. Во овој период, воедно, сметаме дека треба да се работи на создавање на позитивна клима, на една конструктивна атмосфера во која соседите кои веќе членуваат во Европската Унија ќе бидат промотори и ќе ја поттикнат интеграцијата на сите земји-кандидати и потенцијални кандидати од регионот", изјави Попоски.
На денешниот состанок, во рамки на македонската делегација учествуваше и вицепремиерот за европски прашања Теута Арифи.
Советот за Советот за стабилизација и асоцијација, како највисока форма на институционална соработка меѓу двете страни, заседава на годишна основа, на ниво на министри за надворешни работи. |