26.01.2012, 12:38 Азаренка и Шарапова во големото финале
Азаренка во полуфиналето успеа да слави над актуелната шампионка Ким Клајстерс со 6-4, 1-6, 6-3, додека Шарапова во репризата од ланското финале на Вимблдон ја совлада Петра Квитова со 6-2, 3-6, 6-4
Викторија Азаренка и Марија Шарапова ќе играат во големото финале на Австралија опен, а победничката од овој меч покрај гренд-слем титулата, ќе се искачи и на првото место на ВТА-листата.
Азаренка во полуфиналето успеа да слави над актуелната шампионка Ким Клајстерс, додека Шарапова во репризата од ланското финале на Вимблдон ја совлада Петра Квитова.
Азаренка стигна до своето прво гренд-слем финале благодарение на извонредната игра против Клајстерс. Таа го доби првиот сет со 6-4, но потоа следеше извонредна игра на Клајстерс, која доминираше во вториот сет што го доби со 6-1, по што се чинеше дека Белгијката со нов резултатски пресврт ќе дојде до нова победа. Сепак, Азаренка остана максимално фокусирана, го доби решавачкиот сет со 6-3, а по завршувањето на мечот не можеше да ги скрие солзите.
„Раката ми тежеше 200 килограми при секој удар, ова беше неверојатно тежок меч. Сега кога успеав да славам, ми доаѓа само да плачам“, искрено изјави Азаренка.
Шарапова беше горда на триумфот над Квитова, која пред почетокот на Австралија опен важеше за главна фаворитка за титулата. По 1-1 во сетови, и двете тенисерки беа сигурни на свој сервис пред Квитова прва да падне под притисокот на 4-5, овозможувајќи и на Шарапова со брејк да го осигура пласманот во финалето.
|