26.01.2012, 15:32 Трагично патување во Германија за тројцата тетовци
Тетовците со „ауди А4“ тргнале во Германија за да купат градежен материјал, но нивните животи згаснаа под шлепер со грчка регистрација
Кобно заврши вчерашното патување на тројцата тетовци во Германија. Тргнувајќи на долгиот пат со своето „ауди А4“, тројцата мажи трагично загинаа во близина на Прешево, Србија. На нив налета камион со грчки регистарски таблички. За нивните животи немаше спас. Српските медиуми пишуваат дека шест часа им биле потребни на пожарникарите за да ги извадат мртвите тела од смачканиот автомобил.
Тетовското село Палатица со неверување и шок ја прими кобната вест. Бесим Фетаи (38) и неговиот внук Феми Фетаи (25) се двајца од тројцата загинати во несреќата. Нивните соселани зборуваат дека Фетаи поседувале фирма за продажба на градежни материјали. Седиштето на фирмата била во Желино, од каде што бил Осман Османи (58), кој работел за нив. Во средата околу 4 часот наутро тргнале на пат кон Германија.
„Заминаа да купат материјали за работа, ама ете, судбината така сакала“, вели жител на Палатица.
Како што објавивме вчера, стравотната сообраќајна несреќа се случи вчера околу 6,30 часот на магистралниот пат Скопје - Врање во селото Жуинце кај Прешево. Во судирот учествуваа „ауди А4“, во кој беа тројцата тетовци, и шлепер со грчка регистрација.
„Според првичните сознанија, до несреќата дошло кога возачот на автомобилот поради поледица и силна бура изгубил контрола врз возилото. Од својата лента преминал на соседната и буквално налетал под шлеперот“, пишува белградски „Ало“.
Увидот на надлежните екипи траел повеќе од шест часа, бидејќи пожарникарите не можеле да ги извлечат телата на загинатите. При вадењето на телата на настраданите помогнале и работниците во блиската градежна фирма, кои со кран ја тргнале приколката од шлеперот што се наоѓал над автомобилот. Порталот „Прешево.ком“ јави дека возачот на грчкиот камион не е повреден и бил задржан во притвор. Тамошните медиуми објавија серија фотографии од стравотната несреќа, на кои може да се види дека автомобилот на тетовците е целосно уништен и смачкан од силниот судир.
Телата на тројцата загинати се дадени за обдукција, по што се очекува нивен транспорт во земјава. Во Палатица велат дека Бесим бил татко на три деца, а Феми не бил женет. (Г.Е.-Г.А.)
|