20.01.2012, 11:26 Жан Леонети: Европа нема да плаќа повеќе за Грција
Францускиот министер за европски прашања Жан Леонети денеска изјави дека Европа нема да плаќа повеќе за Грција, која води преговори од животно значење со приватните кредитори за отпишување на 100 милијарди евра долг, со цел да се избегне банкрот.
- Европа нема да плаќа повеќе, тоа е сосема јасно. Франција кажа, Германија кажа и сите земји, кои одлучија да и помогнат на Грција, одредија правило и тоа не може да биде запоставено, истакна Леонети.
Тој нагласи дека „Франција ќе го направи точно тоа што го кажа во договорот, постигнат заедно со сите европски земји“, додавајќи дека „Грција не треба да се надева на ништо друго освен на солидарноста, која беше покажана, и на преговорите кои се водат и кои треба да ги заврши со приватните кредитори“.
Договорот за грчкиот долг е услов Грција да го добие вториот заем за спас од кредиторите во вредност од 130 милијарди евра.
|