20.01.2012, 14:43 Грција пред договор за отпишување долг од 100 милијарди евра
Преговорите меѓу Грција и приватните кредитори за намалување на грчкиот државен долг за 100 милијарди евра, влегуваат во финална фаза и веќе се договорени главните услови, така што в понеделник грчкиот министер за финансии Евангелос Венизелос ќе може да се појави пред своите колеги од Еврогрупата со склучен договор, објавија вчера медиумите во Атина.
Анонимен претставник на грчката Влада изјави дека Грција и кредиторите пронашле „златно решение“ и се договориле за висината на каматната стапка на новите кредити што ќе и' бидат исплатени на Атина по отписот на половина од сегашниот државен долг.
Според договореното, новите кредити за Грција ќе бидат со камата од три до пет проценти, во зависност од вредноста на државните обврзници, со што се создаваат услови Грција да добие нова позајмица од ЕУ и Меѓународниот монетарен фонд во висина од 130 милијарди евра.
Постигнувањето на договорот меѓу грчката Влада на премиерот Лукас Пападимос и приватните кредитори е од животно значење за Грција, бидејќи на тој начин на Атина и' се отвара патот да почне преговори за нов пакет на финансиска помош со претставниците на меѓународната тројка составена од ЕУ, Европската централна банка и ММФ, кои денеска престојуваат во земјата. |