20.01.2012, 15:37 Тетовци жртви на „докторска“ измама
Радовишанка и штипјанка измамиле неколку тетовци, ветувајќи им дека ќе им средат преглед кај познатиот кардиохирург Жан Митрев во Скопје. За тоа наплатиле десетици илјади денари. За да бидат поуверливи, на тетовците им оставиле влошки или појаси со објаснување дека тоа било подарок од болницата „Филип Втори“.
Кривични пријави за измама се поднесени против К.А. (25) од Радовиш и В.А. (26) од Штип. Според полицијата, двете партнерки во октомври минатата година се претставувале како вработени во болницата на Жан Митрев. На своите жртви, кои биле на возраст од 65 до 88 години, им ветувале дека ќе им помогнат бесплатно и без многу чекање да бидат прегледани во „Филип Втори“. На четирите свои жртви им зеле од шест до 12.000 денари. Им оставиле влошки или појаси, кои, наводно, биле од болницата и си заминале. Рекле дека ќе се јават кога и каде ќе бидат извршени прегледите. Ги немало со недели, па тетовците сфатиле дека се измамени и побарале помош од полицијата. (Г.А.)
|