20.01.2012, 15:09 Жозеп Дол: Почетокот на преговорите со Македонија не може вечно да се одложува
- Јас и уште неколкумина други во Европскиот парламент во моментов работиме за да има една вистинска дискусија и вистинско решение, бидејќи не ќе можеме вечно да го одложуваме почетокот на преговорите поради името, смета претседателот на групата на Народните партии во Европскиот парламент.
Не може вечно да се одложува почетокот на преговорите со Македонија, смета Жозеп Дол, претседател на групата на Народните партии во Европскиот парламент.
- Јас и уште неколкумина други во Европскиот парламент во моментов работиме за да има една вистинска дискусија и вистинско решение, бидејќи не ќе можеме вечно да го одложуваме почетокот на преговорите поради името. Потоа интеграцијата ќе си оди според критериумите за проширување. Но, ова прашање мора да се реши веднаш, сега, вели Дол во изјава за Дојче Веле.
Германскиот европратеник Елмар Брок, пак, нагласува дека во групата на Народните партии, која е најголемата политичка група во ЕП, имаше широка поддршка за Македонија да добие статус на кандидат, но се констатира дека поради името се уште не започнале преговорите.
- Сето тоа зависи од едногласноста во Советот. Тука се уште е прашањето со името. Ние само можеме да испратиме повик до двете влади да дискутираат и да најдат решение меѓу себе за да се подигне оваа пречка. На тој начин според напредокот на Македонија ќе можеме да ги започнеме преговорите, изјави Брок
Според Јорго Шацимаркакис, европратеник од Германија од редовите на либералите, евроинтеграцијата на Македонија е многу важна.
- Нема ниту една друга земја каде поддршката за Европа е толку многу голема. Затоа е потребно да се зачува европската агенда на евроинтеграцијата. Но, знаете дека се уште нема деблокирање на ситуацијата околу името. Актуелната грчка Влада е фокусирана на економската и финансиската криза и треба да се почека на изборите, кои според мене ќе бидат некаде во април. Потребно е да се почека новата влада, потоа се надевам и верувам дека ќе имаме нов моментум за решение, оценува Шацимаркакис.
Во Мешовитиот комитет Европски парламент – Македонија постои еден вид договор да не се дискутира за проблемот со името, со што тој би се нашол во центарот на расправите, вели Шацимаркакис.
- За нас, социјалната, економската и политичката интеграција на земјата е многу поважна. Но, во Комисијата за надворешни работи на ЕП се дискутира и се бара решение, сепак се зависи од девете претстолнини Атина и Скопје, а не од нас, додава Шацимаркакис.
Европратеникот од Словенија Милан Звер, смета дека Македонија не треба да се обесхрабрува.
- Не смее да се изгуби волјата и надежта, реформите кои сега се прават не се потребни само за евроинтеграциите, туку и за самата Македонија. Македонија е многу успешна во своите реформи, но тоа не е доволно. Кризата во која се наоѓа ЕУ влијае на подготвеноста на некои земји да се забрза процесот на проширување. Сега многу повеќе се зборува за внатрешна стабилизација отколку за проширувањето. Но, сепак за Македонија важно е процесот да тече и понатаму, за таа да не изгуби волја во нејзините напори и реформи кои се услов за членство во ЕУ, иако, роковите ќе бидат продолжени поради кризата и се помалиот интерес за проширувањето на некои клучни актери на ЕУ, смета Звер.
Според него, Македонија треба да добие датум за преговори, без разлика на проблемот со името. Резолуцијата која се подготвува во Европскиот парламент за напредокот на Македонија, се движи во таа насока. Европратениците уште еднаш се подготвуваат да испратат повик за итно започнување на преговорите како и на пред-скрининг процесот на хармонизација на законодавството и придобивките на ЕУ, како и за спроведување на втората фаза од Спогодбата за стабилизација и асоцијација.
|