20.01.2012, 14:02 Македонија во ракометен транс
Со победата над Чешка од 27:21, прва на европските првенства, „црвено-жолтите“ изборија настап во главната фаза на ЕП во Србија
Од нашиот известувач Роберт Димитриевски
НИШ - Богојавление повторно им се посреќи на најдобрите македонски ракометари, кои со победата над Чешка од 27:21 во последното коло од групата Б во Ниш, прва на еврошампионатите, се пласираа во белградската група од главната фаза на 10. Европско првенство во Србија. Токму на големиот христијански празник пред три години Македонија во Вараждин го совлада тогашниот светски вицешампион Полска со 30:29 и подоцна стигна до вториот круг на мундијалот во Хрватска, на кој го освои 11. место.
Како и на СП 2009, Македонија во групата од главната фаза на ЕП ќе игра со Данска и со Србија, а третиот ривал е Полска. Избраниците на селекторот Звонко Шундовски настапот во „Белградска арена“ ќе го почнат вечерва од 18,15 ч. против Данците, в понеделник од 16,15 ч. ќе ги одмерат силите со Полјаците и на крајот в среда е дуелот со домаќинот од 20,15 часот. Благодарејќи на победата над Шведска од 29:24, Германија ќе стартува во групата со четири бода, колку што пренесоа и Србите, трета е Полска со два, ние и Швеѓаните имаме по еден, а Данска ниеден.
Огромна беше радоста, како на теренот така и на трибините во Спортскиот центар „Чаир“, по историскиот триумф над селекцијата од која машката репрезентација на Македонија ги има претрпено своите највисоки порази. Четири илјади Македонци, вооружени со црвено-жолти знамиња, шалови и навивачки маички, создадоа пеколна атмосфера, која, едноставно, им ги врза рацете на Чесите, иако за нив ваквиот вулкан од трибините не е непознат, бидејќи дури деветмина од нив играат во Бундес-лигата. Фрустрацијата беше очигледна на лицето на најдобриот светски ракометар за 2011 година, Филип Јиха, против кого Велко Маркоски одигра феноменална одбрана, сведувајќи го на само пет гола за 55 минути игра. Голгетерот на Кил својот прв погодок го постигна дури во 22. минута, но во нападот го одмени корпулентниот Хорак, кој даде четири од првите шест гола на Чешка.
Тоа што за Чесите е Јиха, за Македонија е Лазаров, кој исто така долго се мачеше во првото полувреме, во кое постигна само два гола од шест обиди, а имаше и три загубени топки. Но, како што ќе забележи и најдобриот македонски ракометар по мечот, Македонија повеќе не зависи само од него, бидејќи на секој меч некој друг се наметнува како играч на натпреварот. Против Шведска тоа беше Мојсоски, против Германија – Ангелов, а против Чешка експлодира Филип Миркуловски со максимални 5/5, од кои два гола даде од контранапад и три од девет метри.
Откако првиот дел го одигра во грч поради големата важност на резултатот во овој меч, уште од самиот почеток на второто полувреме Македонија ја презеде иницијативата и не ја испушти до крајот, иако долго македонските ракометари си поигруваа со нервите на своите фанови. Во 37. минута „црвено-жолтите“ прв пат се одлепија на три гола разлика (15:12), во 48. минута прв пат имаа плус четири (21:17), но во 57. минута противникот се закани, доближувајќи се до 21:24. Сепак, ��реку Миркуловски и со двата гола на Дејан Манасков беше отстранета неизвесноста и големото славење можеше да почне.
РИКЕР ВО МАКЕДОНСКИ ДРЕС
Поранешниот амбасадор на САД во Македонија, Филип Рикер, потврди дека е верен навивач на македонските спортисти, појавувајќи се на трибините во Ниш со ��акедонски ракометен дрес на натпреварот со Чешка. Со истиот дрес тој ги бодреше најдобрите македонски ракометари и во мечот со Унгарија во „Борис Трајковски“ во квалификациите за ова ЕП.
Рикер, во својство на заменик на помошникот на државниот секретар на САД, престојува во тридневна посета на Србија во рамките на двонеделната турнеја низ балканските земји, во која ја посети и Македонија.
ЛУДНИЦА ВО ФАН-ЗОНАТА
Вистински хаос настана во двете бази на Македонците овие денови во Ниш, клубот „Ипсилон“ и фан-зоната во студентскиот ресторан на Техничкиот факултет, кога пристигна автобусот со ракометарите, кои дојдоа со своите верни навивачи да ја споделат радоста од пласманот во вториот круг на ЕП. Буквално сите се „тепаа“ за да им се доближат на хероите, да се сликаат со нив и да им честитаат за големиот успех. Најдебелиот крај, очекувано, го извлече капитенот Кирил Лазаров, кој со тешка мака се одбрани од навалицата и се врати во автобусот.
БИЛЕТИТЕ ЗА „АРЕНА“ 10-80 ЕВРА
Влезниците за натпреварите од вториот круг во Белград од вчера се пуштени во продажба, а цените се движат од 1.000 до 8.000 српски динари, односно од 10 до 80 евра. Мечевите од оваа група се на програмата на 21, 23 и 25 јануари, а ќе се одиграат во „Белградска арена“.
СТАРТ СО ДАНЦИТЕ ВО БЕЛГРАД
Група 1 од вториот круг, Белград, прво коло, сабота: Полска – Шведска (16,15 ч.), Данска – Македонија (18,15 ч.), Србија – Германија (20,15 ч.). Второ коло, понеделник: Полска – Македонија (16,20 ч.), Данска – Германија (18,20 ч.), Србија – Шведска (20,20 ч.). Трето коло, среда: Полска – Германија (16,15 ч.), Данска – Шведска (18,15 ч.), Србија – Македонија (20,15 ч.).
Табела: Германија 4, Србија 4, Полска 2, Македонија 1, Шведска 1, Данска 0.
|