20.01.2012, 14:57 Јанез Јанша се поблиску до враќање на власт
Малата Демократска партија на пензионерите (ДЕСУС) се согласи да преговара за формирање коалиција со Јанша
Љубљана - Поранешниот словенечки премиер Јанез Јанша е се' поблизу до враќање на власт во Словенија, откако малата Демократска партија на пензионерите (ДЕСУС) се согласи да преговара за формирање коалиција со неговата конзервативна Словенечка демократска партија (СДС), оценуваат медиумите во Љубљана.
Лидерот на ДЕСУС, Карл Ерјавец, соопшти дека неговата партија донела „историска одлука“ со тоа што се согласила на коалициски преговори со СДС бидејќи имала само две опции - вклучување од десната коалиција или предвремени избори. ДЕСУС е заинтересирана за две министерски места во Владата, меѓу кои и оние за одбрана, внатрешни работи, надворешни работи, финансии, правда, труд и зa здравство.
Јанша досега обезбеди поддршка од Граѓанската листа (ДС). Словенечката народна партија (СЛС) и Нова Словенија - Христијанска народна партија (НС-КЛС), со што има 44 пратеници во 90-члениот Државен збор и со шесте мандати на ДЕСУС ќе обезбеди парламентарно мнозинство.
Словенечкиот претседател Данило Тирк во средата предложи партиите да ја разгледаат можноста иден премиер на Словенија да биде економистот Марко Вољч. Тирк изјави дека Вољч изразил подготвеност да ја прифати премиерската функција доколку добие поддршка од поголемите парламентарни партии.
На изборите во Словенија на 4 декември минатата година победи партијата Позитивна Словенија на Зоран Јанковиќ, но тој по добиениот мандат за формирање влада не успеа да обезбеди апсолутно мнозинство во парламентот за да биде избран за премиер.
Доколку до крајот на месецот парламентот не избере нов премиер, Тирк има уставна можност да го распушти Државниот збор и да распише предвремени избори.
|