16.01.2012, 15:09 Орнекол: Цел на ТАВ е развивање на воздушниот сообраќај во Македонија
Прва цел на ТАВ Холдинг беше да ги завршиме градежните работи на аеродромот „Александар Велики“ во Скопје и да почнеме ефикасно да управуваме со новите објекти. Отсега натаму наша цел е развивање на воздушниот сообраќај во Македонија и зголемување на бројот на авионите и патниците.
Ова го посочува Мурат Орнекол, оперативниот директор на ТАВ Холдинг во интервју за маркетинг агенцијата Марили.
- За да ја постигнеме оваа цел применуваме мошне силна маркетинг-стратегија, почнувајќи со привлекување нови авиокомпании и продолжувајќи со воспоставување нови линии. Нашите планови за оваа иницијативна година се враќање на довербата на авиокомпаниите и на патниците што ќе ги добиваат нашите услуги во регионот, која за жал беше загубена пред десет години, вели Орнекол.
Во Скопскиот аеродром, нагласува, инвестиравме 110 милиони евра, а во Охридскиот околу 10 милиони евра, што е вкупно 120 милиони евра.
- Градежните работи ги изврши нашиот изведувач за инженеринг, набавка и градежни работи „ТАВ Констракшн“, кој за реализирање на проектот потпиша неколку договори со локални подизведувачи. Околу 90 отсто од работниците кои беа ангажирани во градежните работи беа локални работници и околу 90 отсто од материјалите што беа употребени во изградбата беа испорачани од локални компании. Увезени беа само високотехнолошките аеродромски системи што се инсталирани во просториите на аеродромот, прецизира Орнекол.
Меѓу персоналот од 604 вработени кои работат на аеродромите во Скопје и во Охрид, додава, имаме шестмина вработени од Турција.
- Веруваме во моќта на локалните човечки ресурси и во користењето локален персонал за извршување на аеродромските работи. Македонија, со своето младо и образовано население, е многу привлечна за странските инвеститори, нагласува Орнекол во интервјуто за Марили.
Прашан дали инвестицијата во аеродромите може да донесе приходи во бизнис секторот на Македонија, Орнекол посочува дека според искуствата од други држави во кои работат, аеродромите имаат многу позитивен ефект врз економијата и општествениот живот во регионите и во градовите во кои се лоцирани.
- Зголемувањето на воздушниот сообраќај позитивно се одразува на економскиот пораст. Економскиот пораст, пак, има позитивен ефект врз зголемувањето на вработеноста. Зголемувањето на воздушниот сообраќај директно влијае на авиокомпаниите, авионските услуги, на цивилното воздухопловство, а индиректно влијае на добавувачите (авионско гориво, храна и пијалоци и градежништво), на производителите (компјутери, електроника и малопродажни производи), на деловните услуги (кол-центри, сметководители и адвокати). Според тоа, навистина веруваме дека инвестицијата што ја реализираше „ТАВ Холдинг“ секако ќе има позитивен ефект врз деловниот сектор на Република Македонија, вело Орнекол.
За ниско-тарифни авионски линии посочува дека имаат за цел да го зголемат бројот на дестинациите, особено до европските градови.
- За да ја постигнеме оваа цел, разговараме и преговараме со постојните и со потенцијалните авиокомпании кои би почнале да летаат до и од Македонија. Нискотарифните превозници – Визеар и Пегазус, кои ги привлековме да почнат да летаат до и од Скопје обезбедуваат летови до сите најважни европски градови. Тие претпочитаат да влезат на пазарот со линии кон Лондон, Венеција, Истанбул и Измир, според нивните сопствени маркетинг истражувања, појаснува Орнекол.
Спорд него, Охрид е една од најпривлечните туристички дестинации на Балканот.
- Со своето старо езеро и природни убавини, тој е голема шанса за Македонија. За да се зголеми бројот на туристите кои престојуваат во Охрид, водиме преговори и разговори со локални и со странски тур-оператори и туристички агенции. Исто така, објавивме и посебен стимулативен план само за Охрид. Со зголемување на бројот на патниците за 78 отсто и на бројот на авионите за 48 проценти почнавме да ги гледаме плодовите на маркетинг-истражувањата во 2011 година. Охрид во 2011 година го посетија повеќе од 10.000 холандски туристи, а за 2012 година очекуваме околу 20.000 туристи само од Холандија... Покрај летовите од Холандија и Финска, во мај 2012 ќе бидат воведени и летови од Белгија. Ова е алка што предизвикува позитивни ефекти врз другите сектори кои се поврзани со туризмот. Корист ќе имаат хотелиерите, добавувачите, градежните компании и, нормално, ние, нагласува Орнекол.
Досегашни односи со институциите на системот во Македонија и со Владата оперативниот директор на ТАВ Холдинг ги оценува како многу добри.
- Многу е важно да се има добра соработка меѓу владата и странските инвеститори. За среќа, досега имаме многу добра соработка со Владата на Република Македонија. Таа секогаш е многу конструктивна во решавањето на проблемите. Би сакал да ја искористам оваа прилика и да искажам благодарност Владата, полицијата, царината, до Агенцијата за цивилно воздухопловство и на Военото воздухопловство, истакнува оперативниот директор на ТАВ Холдинг Мурат Орнекол во интервјуто за маркетинг агенцијата Марили.
|