16.01.2012, 15:46 Даскаловиќ: Се спасивме благодарение на присебноста и снаодливоста
Брачнaта двојка Нина и Миодраг Даскаловиќ денеска на прес-конференција, раскажувајќи ја голготата што ја преживеале, истакнаа дека се среќни што се вратиле живи во Македонија
ФОТО: Киро Попов
Тричленото македонско семејство Даскаловиќ ја преживеа несреќата со бродот „Коста Конкордија“ благодарение на присебноста и снаодливоста.
Брачнaта двојка Нина и Миодраг Даскаловиќ денеска на прес-конференција, раскажувајќи ја голготата што ја преживеале, истакнаа дека се среќни што се вратиле живи во Македонија. Единствената мисла во моментот на несреќата им била како да се спасат и да го заштитат семејството.
- Кога видовме дека бродот тоне, останав присебна, бев подготвена и да пливам. Почнав да и објаснувам на ќерка ми дека нема од што да се плаши. И објаснив за елекот за спасување, велев од едната страна има свирче со кое можеш да сигнализираш за да те најдат, а од другата страна имаш ламба. Знаеш да пливаш, нема од што да се плашиш, рече Нина.
Несреќата, како што раскажуваат, се случила на нивната последна ноќ од патувањето. Почувствувале тап удар на бродот по што тој се навалил на едната страна. Се упатиле кон четвртата палуба каде што требало да се соберат сите патници во случај на несреќа.
Според Миодраг, немало толку голема паника со оглед на тоа што на бродот имало околу 3.800 патници. Бидејќи биле со малолетно дете имале предност, но велат дека дел од екипажот кои биле на пониско ниво биле добро организирани и ги спасиле. Спуштањето на чамците не било лесна работа и постоела опасност да се преврти чамецот кој неколку пати удрил во трупот од бродот.
Семејството вчера допатува во Македонија со лет од Љубљана. Сите неопходни процедури за нивното враќање беа завршени во соработка со македонската амбасада во Рим и спасувачката мисија на италијанските власти.
Луксузниот туристички брод „Коста Конкордија“ во петокот вечерта се засука неколку стотина метри од брегот на Тоскана, откако удри во карпа. Бројот на жртвите се зголеми на шест лица, а петнаесет се уште се водат за исчезнати. Во несреќата беа повредени 67 лица. Во моментот на несреќата на бродот имало 3.200 патници и 1.023 членови на екипажот.
Денеска порпаролот на противпожарната служба Лука Кари изјави дека спасувачките операции се прекинати на неопределено време.
- Дојде до натамошно потонување на бродот за девет сантиметри вертикално и 1,5 сантиметри хоризонтално. Веднаш ја прекинавме евакуација. Ова е нешто од што стравувавме дека ќе се случи, рече Кари.
Тој наведе дека не се знае кога ќе продолжат операциите, но дека во меѓувреме ќе биде набљудувана стабилноста на бродот.
|