17.01.2012, 10:57 Перо Стојановски останува во Австралија
По информацијата во некои македонски медиуми преземена од австралиското радио „Илинден“ дека тој се повлекува од амбасадорското место
Македонскиот амбасадор во Австралија Перо Стојановски останува на позицијата на која е назначен и ќе ја извршува амбасадорската функција се до завршувањето на мандатот, соопшти денеска Министерството за надворешни работи по информацијата во некои македонски медиуми преземена од австралиското радио „Илинден“ дека тој се повлекува од амбасадорското место.
- Не постои каква било согласност издадена од Министерството за надворешни работи за разрешување. Нема најава, па ниту постои било каква причина, амбасадорот Стојановски да ја напушти амбасадорската функција и да биде ангажиран на друга функција или како што е наведено во спорниот текст „ќе продолжи да работи за ОН, на работно место во Австралија. Зачудени и изненадени сме од целосната неинформираност на авторот на оваа тема и неупатеноста во надворешната политика на Република Македонија, за кои се обиде да пишува. За медиуми што претендираат да се етаблираат на медиумскиот пазар, особено информирајќи ја македонската дијаспора (која всушност е дел од приоритетите на надворешната политика на Репубклика Македонија и на оваа Влада), не е дозволиво да се пласираат дезинформации и да се замајува јавноста со пласирање на невистини, се вели во реакцијата од МНР.
Од МНР се убедени дека овој неуспешен обид на одредени медиуми да се фрли дамка на работата на амбасадорот Стојановски, нема да ја загрози традиционално одличната соработка на македонската дијаспора со Македонската амбасада во Канбера.
|