23.01.2012, 15:29 Мињон: Проблемот со името е смешен и доаѓа од некое друго време
Жан Клод Мињон, новиот претседател на Парламентарното Собрание на Советот на Европа денеска во Стразбур истакна дека паневропската асамблеја треба поактивно да се вклучи во решавањето на проблемот со името.
Прашањето за името, според Жан-Клод Мињон припаѓа на таканаречените замрзнати конфликти меѓу земјите членки на СЕ. Според францускиот пратеник, кој доаѓа од редовите на Народните партии, проблемот со името е „смешен“ и „тој доаѓа од некое друго време“.
Новоизбраниот претседател на ПССЕ, претставувајќи ги приоритетите на неговиот мандат, истакна дека ПССЕ треба да игра поактивна улога во решавањето на т.н. замрзнати проблеми меѓу земјите членки на Советот на Европа.
На прашањето дали според него може во групата на „замрзнати конфликти“ да се стави и тој со името на Република Македонија, која е единствената земја во Советот на Европа која членува во него со привремено име и дали може да се очекува иницијатива за надминување на проблемот, Жан Клод Мињон одговори: - „Изумив да го споменам овај конфликт. Заборавив дека поминавме и му посветивме многу време на обидот да изнајдеме едно име за оваа земја. Проблемот навистина ми изгледа ’смешен’, извинете за изразот. Но, се разбира дека и тука треба да направиме нешто. Се разбира, во решавањето на овој проблем секој треба да се ангажира од своја страна. Ние добро ја познаваме поранешна Југославија и распаѓањето на федерацијата по смртта на Тито и се‘ она што се случи во сите републики. Тоа што денес имаме мака да ’најдеме едно име’ за една од тие поранешни републики ми изгледа како проблем кој доаѓа од некое друго време. Јас заборавив да го споменам овој ’замрзнат конфликт’, но во суштина ние ќе треба да разговараме за него со надлежните власти“, изјави новоизбраниот претседател на ПССЕ, Жан-Клод Мињон.
Тој денеска со акламација беше избран за нов претседател на Парламентарното Собрание на Советот на Европа. Жан-Клод Мињон е 26-ти по ред претседател на ПССЕ, шести од Франција, која по 23 години повторно има свој политичар на оваа престижна функција. Жан-Клод Мињон беше единствен кандидат за претседател и тој доаѓа од редовите на Народните партии и демохристијани - најголема во ПССЕ со 207 парламентраци. Досегашен претседател на ПССЕ беше турскиот парламентарец Чевлут Чавошоглу.
|