23.01.2012, 13:52 Арифи в среда во Атина ќе се сретне со Пангалос
Во Секретаријатот за европски прашања потврдија дека Пангалос ја прифатил поканата за средба што му ја упати Арифи на почетокот на септември минатата година
Вицепремиерката за европски прашања Теута Арифи в среда во Атина ќе се сретне со грчкиот вицепремир Теодорос Пангалос.
Во Секретаријатот за европски прашања потврдија дека Пангалос ја прифатил поканата за средба што му ја упати Арифи на почетокот на септември минатата година.
Во писмото до грчкиот вицепремиер, како што тогаш информираше Арифи, се содржани идеи за соработка, во функција на балкански регион без предрасуди, ориентиран кон европска иднина.
Се очекува Арифи и Пангалос да разговараат за билатералните односи, како и за очекувањата на Македонија за деблокирање на нејзината интерграција во НАТО и ЕУ, по пресудата на Меѓународниот суд на правдата во Хаг.
Средбата на Арифи со нејзиниот грчки колега ќе биде прв формален контакт меѓу владини претставници на двете земји по формирањето на привремената влада на национално единство на Грција.
|