23.01.2012, 13:56 Шарапова во четвртфинале, Серена Вилијамс во аут
Следна противничка на Русинката ќе биде нејзината сонародничка Екатерина Макарова, која што приреди нова сензација со елиминацијата на Серена Вилијамс
Марија Шарапова со многу мака успеа да се пласира во четвртфиналето од Австралија опен, откако утринава по тешка битка конечно успеа да го скрши отпорот на Сабине Лисицки. Германката тенисерка влезе максимално мотивирано во дуелот со четвртата носителка и го доби првиот сет, но Шарапова брзо ја консолидираше својата игра, ги доби следните два сета со 6-2, 6-3 и се радуваше на триумф на овој меч.
Следна противничка на Русинката ќе биде нејзината сонародничка Екатерина Макарова, која што приреди нова сензација со елиминацијата на Серена Вилијамс. Петкратната освојувачка на Австралија опен одигра далеку под своите можности, направи дури 37 неизнудени грешки и буквално и ја подари победата на Макарова, која што моментно се наоѓа на 56. место на ВТА листата.
„Не знам како можев да играм така слабо, да сервирам така катастрофално. Едноставно, немам објаснување“ - изјави Серена, која ја прекина серијата од 17 победи по ред на Австралија опен.
Петра Квитова ја оправда улогата на фаворит на мечот со Ана Ивановиќ и славеше со 2-0 во сетови, па чешката тенисерка во четвртфиналето ќе се сретне со Италијанката Ерани, која премногу лесно и убедливо ја совлада Жи Женг од Кина, совладувајќи ја со 6-2, 6-1.
|