23.01.2012, 15:41 Донесени законите за државната и јавната администрација
Собранието на Република Македонија денеска ги донесе предлозите на законите за државните и за јавните службеници, двата во прво читање и на Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица во Република Македонија, во второ читање.
Претседателот на Собранието Трајко Вељаноски неколку пати се обидуваше да ја започне седницата поради тоа што во салата немаше доволен број пратеници. На почетокот на седницата не присуствуваше ниту еден пратеник од опозициските партии.
Пратениците дебатираа за дополнетиот предлог на закон за минимална плата во Република Македонија.
Радмила Шекеринска од СДСМ смета дека единствената измена на законот која што ја дозволи Владата е техничка исправка на износот, дури и пред таквата исправка не се реши системскиот проблем на законот.
- Системскиот проблем на законот е што тој е Закон за минимална плата, но тој апсолутно нема да биде за минимална плата за сите овие граѓани кои денеска земаат под дадениот износ, изјави Шекеринска. Таа најави дека во понеделник ќе достават нов закон за измени и дополнувања на Законот за минимална плата.
- Минимална плата во најава не е добар концепт и не е добра политика, рече Шекеринска посочувајќи дека законот треба веднаш да стапи на сила и да важи за сите работници, а не во етапи, не на одложено дејство.
Цветанка Иванова најави дека опозицијата ќе поднесе пакет од три односно четири социјални закони.
Александар Спасеновски од ВМРО-ДПМНЕ изјави дека станува збор за политичко лицемерие и за одредена политичка пристрасност да се говори за минималната плата и да се критикува договорот на Владата на Република Македонија со социјалните партнери поврзан со минималната плата.
Пратениците гласаа и за предлозите на законот за Посебен регистар за лица осудени со правосилна пресуда за кривични дела за сексуална злоупотреба на малолетни лица и педофилија, на законите за изменување на Законот за исплата на платите во Република Македонија, на Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица во Република Македонија, за дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување, на измените на Законот за вработувањето и осигурување во случај на невработеност, сите во второ читање.
На седницата се очекува да се расправа и за законот за исплата на пензии и пензиски надоместоци од капитално финансирано пензиско осигурување, за измените и дополнувањата на Законот за работните односи, на Царинскиот закон, на Законот за Царинска тарифа, на Законот за лековите и медицинските помагала, на Законот за електронските комуникации, на Законот за домување, како и на законот за изменување на Законот за платниот промет, сите во второ читање.
|