26.01.2012, 12:17 Усвоени измените на Законот за радиодифузна дејност
Собранието на Република Македонија денеска ги усвои измените и дополнувањата на Законот за радиодифузна дејност со кои, меѓудругото, се предлага зголемување на радиодифузната такса од 130 на 190 денари и на рекламниот простор за Македонската радио телевизија.
Пратениците од парламентарното мнозинство оценија дека измените се во насока на намалување на зависноста на МРТВ од буџетските средства и нејзино целосно осамостојување, а зголемувањето на рекламниот простор, рекоа, ќе ги зголеми атрактивноста и гледаноста.
Опозицијата смета дека со предложените измени се создава нелојална конкуренција и се фаворизира јавниот сервис за сметка на приватните радиодифузери, а зголемувањето на радиодифузната такса ќе претставува дополнителен финансиски трошок за граѓаните.
Според нив, ова не е соодветно решение за состојбите во МРТВ, бидејќи, како што рекоа, неа и требаат конкретни санациски програми со цел да се изгради во вистински јавен национален сервис, а не да биде како сега партиска телевизија на владејачката партија.
На ова реагираа пратениците од партиите на власт, кои сметаат дека решението е соодветно, бидејќи, како што посочија дел од нив, со зголемување на финансиската сигурност, ќе се зголеми и независноста на јавниот сервис и ќе се намали нејзината зависност од буџетските средства.
Во рамки на попладневниот дел од денешното продолжение на 20. седница ги усвоија и измените и дополнувањата на Законот за градење.
Целта на предложените измени и дополнувања е заокружување на постапката при отстранување на објекти за кои постои опасност од уривање, при што се предвидува по отстранувањето на објектот, на барање на надлежниот орган, органот надлежен за водење на јавната книга за запишување на правата на недвижностите да ги избрише од катастарот на недвижности запишаните права на сопственост и други стварни права на објектот, бидејќи со отстранувањето на објектот престануваат да постојат и сите права кои постоеле врз него.
Со измените и дополнувањата се прецизира одредбата со која е пропишана постапката за издавање на потврда на странски правни лица за вршење на работи предвидени со овој закон, а се врши и усогласување со Законот за инспекциски надзор во поглед на рокот за постапување на комисиите надлежни за решавање на жалби против акти донесени од инспекциските служби. Исто така, се врши усогласување со Законот за постапување со бесправни објекти и усогласување на одредбите по однос на категоризацијата на градбите.
Пратениците попладнево расправаа и за дополнувањата на Законот за лични карти, со кои се прецизира дека во случај кога советот на општината ќе направи промена на името на улицата на која се наоѓа живеалиштето и адресата на граѓанинот на Република Македонија, неговата лична карта ќе важи до рокот утврден при нејзиното издавање.
Опозицијата побара вакви решенија и за другите лични документи, со цел, како што рече, граѓаните да не се иаложуваат на непотребни трошоци.
На дневен ред на оваа седница останува само Информацијата за колапсот на јавното здравство како резултат на политиките на Владата.
Дваесеттата собраниска седница претседателот на Парламентот Трајко Вељаноски ја закажа за в понеделник.
|