26.01.2012, 15:08 Трајановски: „Јужниот булевар“ е еден од најважните инфраструктурни проекти
Од моето доаѓање се отворија многу табу теми кои претходно беа во Град Скопје. Се што сме реализирале претходно било проследено со огромни критки и со отпор, почнувајќи од булеварот „Илинденска“. Сигурен сум во својата визија, во она што сакам да го направам и во она што сметам дека ќе се направи, изјави денеска градоначалникот на Град Скопје Коце Трајановски по промовирањето на реконструираниот објект на Младинскиот културен центар.
Одговарајќи на новинарско прашање како ќе тече процедурата врз основа на документот за „Јужниот булевар“ и за обвинувањата од опозицијата дека не е законски приватен инвеститор да ја гради подземната сообраќајница, Трајановски рече дека реализацијата на „Јужниот булевар“ била табу тема за Град Скопје.
- Ние работиме на реализацијата по целата должина, почнувајќи од расчистување на имотните односи, кои за жал се премногу проблематични. На овој дел ќе ни се овозможи да се изгради „Јужниот булевар“, со еден инвеститор кој ќе инвестира таму, истакна Трајановски.
Според него, ова е добро решение и додаде дека треба да се гледа што повеќе да се реализираат работите.
- Секоја можност треба да ја искористиме бидејќи „Јужниот булевар“ е еден од најважните инфраструктурни проекти за Град Скопје. Неговата реализација е капитална, рече Трајановски.
Тој додаде дека стручните служби треба да утврдат дали се работи законски или незаконски. - Нашиот правен сектор, правните сектори на Министерството за транспсорт и врски, сето тоа мора да го направат во рамки на законот. Целта е да го реализираме булеварот, рече Трајановски.
Прашан дали и понатаму ќе се обидува да најде инвеститор за изградба на сплавовите или ќе се откаже од овој проект, Трајановски рече дека нема да се откажат и оти ќе одат на трет тендер.
- Мислам дека третиот тендер ќе успее. И овој тендер имаше делумни успеси. Сигурен сум дека граѓаните на Скопје ќе имаат можност да уживаат на сплавовите на Вардар, рече Трајановски.
|