24.01.2012, 15:16 Поддршка од ЕП за почеток на преговори на Македонија со ЕУ!
Во однос на пресудата од Меѓународниот суд од Хаг, европратениците сметаат дека таа треба да даде нов елан во напорите за решавање на спорот под покровителство на ОН, со повик двете страни да ја почитуваат пресудата и да го интензивираат дијалогот
Комисијата за надворешни работи на Европскиот парламент денеска со големо мнозинство ја усвои финалната веризија на предлог резолуцијата за напредокот на Македонија. Европратениците направија околу 60 амандмански промени.
Во резолуцијата чија официјална верзија се уште не е изготвена, со оглед на големите промени на неа, пренесува Дојче веле, останува препораката формулирана од британскиот парламентарец Ричард Ховит со која се повторува повикот до Советот на ЕУ да утврди во најкраток рок, датум за почеток на преговори за прием на Македонија. Воедно се подвлекува и важноста да се поддржат напорите во процесот на европската интеграција на земјата, за што европратениците предлагаат да се премине во нова етапа, со започнување на процесот на хармонизација на македонското законодавство со европското и спроведување на втората фаза од процесот за стабилизација и асоцијација.
Од вкупно 164 амандмани, шеесетина станаа 21 компромисни решенија, а беа усвоени уште четирисетина други амандамани.
Новата верзија на резолуцијата забележува дека одлуката на Советот да не ги следи препораките на Комисијата и на Парламентот за почеток на преговори, „предизвика легитимна фрустрација и незадоволство во јавното мислење на земјата“.
Во неа е истакната и важноста на самитот на НАТО во Чикаго во мај и на ЕУ во март годинава, како значајна прилика за да се постигне напредок во евро-атлантските интегративни процеси. Тука на инсистирање на грчките европратеници е вметнат делот во кој се потсетува на изјавата на генералниот секретар на НАТО дека на Македонија ќе и биде испратена покана за членство, откако ќе се најде заемно прифатливо решение за спорот со името.
Во однос на пресудата од Меѓународниот суд од Хаг, европратениците сметаат дека таа треба да даде нов елан во напорите за решавање на спорот под покровителство на ОН, со повик двете страни да ја почитуваат пресудата и да го интензивираат дијалогот.
Во резолуцијата е подвлечено дека е потребно заедничко прифатливо компромисно решение за името. Но, истовремено се изразува жалење што спорот за името продолжува да ја блокира земјата на патот кон ЕУ и го спречува напредокот на самиот процес на проширување. Се нагласува дека добрососедските односи се важен критериум во процесот на проширувањето, со барање до владите на кои ова се однесува, да ги избегнат сите контроверзни акции и декларации кои можат да имаат негативни последици.
Европарламентот смета дека билатералните прашања не смеат да бидат пречка за членство во ЕУ, но тие треба да бидат разгледувани на конструктивен начин, водејќи сметка за интересите на заедничките вредности на ЕУ.
Европратениците го обнов��ваат и повикот до високиот претставник за надворешна политика на ЕУ Кетрин Ештон и комесарот за проширување Штефан Филе да го олеснат дијалогот за името и да предложат политички ориентации, како и да и се објасни на јавноста во Македонија предноста со изнаоаѓање на решение за членството во ЕУ, за што тоа треба да гласа на референдум.
Европратениците нагласуваат дека секоја земја кандидат има свое ниво на напредок и динамика за членство, но Европската унија има одговорност да не напушта ниту една земја и да остане зад секоја од нив, бидејќи се става во прашање кредибилноста на процесот за проширување со постојаното одложување на почетокот на преговорите за членство.
|