24.01.2012, 15:10 СДСМ да помогне во истрагата за корупција во „Телеком“
„ВМРО-ДПМНЕ побара СДСМ да каже кој е одговорен за тоа што граѓаните и фирмите со години плаќаа прескапи сметки за телефон и за интернет поради монополската позиција на ’Телеком‘“, истакна денеска пратеникот Славе Гошев. Тој побара опозициската партија да помогне во истрагата за случајот, кој го оцени како убедливо најголемата корупциска афера во последните неколку години што се претвори во скандал на глобално ниво, за кој се заинтересираа и странски држави.
Во 2005 и 2006 година, посочи Гошев, на власт беше СДСМ, а нивни членови беа на високи позиции и затоа СДСМ треба да објави кој ги водел седниците на Владата кога се носеле одлуките за продолжување на монополската позиција на „Телеком“.
„Органите на прогонот треба и натаму да продолжат да настојуваат докрај да го расветлат овој случај, но, исто така, СДСМ треба да им помогне на државните органи. Тие треба да ја кажат вистината, тие тогаш управуваа со државата и тие треба сами да ги кажат лицата што зеле пари од криминалот со ’Телеком‘“, рече Гошев.
|