25.01.2012, 21:44 (ОБНОВЕНО) Македонија со Словенија за петтото место
По победата над Србија од 22:19, ракометарите в петок во директен дуел со "змајчеки" за олимписките квалификации.
Од нашиот известувач Роберт Димитриевски
БЕЛГРАД - Македонија в петок од 15,15 ч. ќе игра со Словенија за петтото место на 10. Европско првенство за ракометари во Србија, откако го победи домаќинот со 22:19 во последното коло од белградската група од главната фаза. Избраниците на селекторот Звонко Шундовски не само што му го нанесоа првиот пораз на домаќинот на шампионатот, туку се изборија и за директен дуел со "змајчеки" за настап во априлските квалификации за Олимписките игри во Лондон!
Победникот во завршниот меч од вториот круг во "Белградска арена", повторно обоена во црвено-жолто, беше решен во последните седум минути, кога по 19:19 српските ракометари повеќе не ја погодија македонската мрежа, а на спротивната страна беа прецизни браќата Наумче и Златко Мојсоски и капитенот Кирил Лазаров. Иако го одгледаа без преголеми емоции речиси целиот меч, македонските фанови на крајот се разбудија и го прославија најголемиот успех на македонскиот машки ракомет на репрезентативен план.
Лазаров беше убедливо најефикасен на теренот со десет гола од 17 обиди, голманот Борко Ристовски одбрани 15 удари од вкупно 34 упатени кон неговиот гол, а Златко Мојсоски ги постигна своите први два гола на првенството. Во српскиот состав се издвои Марко Вуин со ефект 5/9.
Српскиот селектор Веселин Вуковиќ ги одмораше своите клучни ракометари, па најдобриот голман на првенството и чувар на мрежата на скопски Металург, Дарко Станиќ, воопшто не влезе во игра, а Момир Илиќ помина на теренот само 26 секунди.
Прво полувреме за заборав одиграа двата соседа, во кое единственото нешто вредно за одбележување беа седумте гола од 12 обиди на Лазаров, четири од нив од исто толку седмерци. Македонија во 20 минута стигна до максималната предност од 9:6 преку Владимир Темелков, со три гола во низа Србите израмнија, но македонските ракометари отидоа на одморот со водство од 11:10.
Филип Лазаров се изнаигра, дури 18 минути од првиот дел помина на теренот и при тоа погоди два пати од три обида. Позитивен момент е и настапот на Филип миркуловски и на Александар Јоноски, кои беа повредени против Полска. Првиот одигра 12 минути, а вториот 13, но ни двајцата не се запишаа во листата на стрелците во првиот полчас.
Србија - Македонија 19:22
Полувреме: 10:11. Сала: "Белградска арена". Гледачи: 12.000. Судии: Абрахамсен и Кристијансен од Норвешка. Седмерци: Србија /, Македонија 4/4. Исклучувања: Србија 2 мин., Македонија 8 мин. Загубени топки: Србија 11, Македонија 13.
Србија: Марјанац (10 одбрани), Станиќ, Шешум 4/6, Вуин 5/9, Никчевиќ 1/2, Манојловиќ 0/2, Тоскиќ 1/3, Илиќ, Марковиќ 1/4, Продановиќ 1/2, Стојковиќ 1/1, Рниќ 0/3, Белјански, Чутура 0/2, Станковиќ 2/3, Ненадиќ 3/7. Селектор: Веселин Вуковиќ.
Македонија: Ристовски (15 одбрани), Ангелов, Манасков, Стоилов 2/3, Алушовски 1/1, К. Лазаров 10/17 (4/4), Митков, Јоноски, Ангеловски, Темелков 1/3, Миркуловски 0/2, В. Маркоски, З. Мојсоски 2/2, Н. Мојсоски 1/5, Димовски 3/3, Ф. Лазаров 2/3. Селектор: Звонко Шундовски.
|