26.01.2012, 15:12 Сорос: Кризата на еврото може да ја уништи ЕУ
Контроверзниот американски финансисер и милијардер Џорџ Сорос предупреди дека зголемувањето на европските политички и економски тензии предизвикани од кризата во еврозоната, може да да ја уништат Европската Унија.
Како што јави дописникот на МИА од Лондон, Сорос смета дека сите досегашни политички и економски напори за разрешување на кризата се недоволни и ги обвини политичарите во земјите на ЕУ дека направиле малку за да разберат како функционираат финансиските пазари. Според него, тоа што досега го презедоа европските лидери против кризат е „лошо и сосема погрешно“.
Во неговото излагање на Светскиот економски форум во Давос, што го пренесуваат лондонските медиуми, Сорос вели дека она што треба да го направат земјите на еврозоната е да се свртат кон економските механизми и да делуваат послободно во справувањето со своите големи внатрешни долгови, затоа што сегашната политика ги прави земјите од зоната на еврото економски послаби.
Проблемот е во тоа што острите мерки што Германија сака да ги воспостави за целата еврозона претставуваат ризик за втурнување на ЕУ во една дефлаторна должничка спирала, тврди познатиот американски инвеститор.
Тој смета дека случајот на Грција и нејзината должничка криза покажале два дефекти на еврозоната и на договорот од Мастрихт со која е создадена единствената европска валута.
- Првиот е дека кога една земја-членка ќе стане презадолжена, таа е во иста положба како земјите од третиот свет кои се презадолжени во странски валути, а вториот дефект е што во договорот од Мастрихт нема одредби за корекција на направените грешки, ниту принуден механизам, забележува Џорџ Сорос.
|