25.01.2012, 14:19 Лагард: Банкрот на Грција е незамислив
Генералниот директор на Меѓународниот монетарен фонд Кристин Лагард изјави дека банкрот на Грција е незамислив. Изјавата на Лагард доаѓа во ситуација на пролонгирање на преговорите меѓу Атина и приватните кредитори за отпишување на дел од грчкиот долг. „Таквата варијанта е незамислива. Ќе треба да се постигне договор со банките“, изјави Лагард.
Таа истакна дека е постигнат договор и приватните кредитори да претрпат некои загуби и изрази надеж за брз напредок при утврдувањето на големината на делот од грчкиот долг што ќе биде отпишан.
„Целта е Грција да се врати на прифатливо ниво на долгот, барем на среден рок“, нагласи Лагард. Немам сомнежи за политичката волја на лидерите од ЕУ за зачувување на единството на еврозоната, но сепак се потребни усогласени и ефикасни активности“, истакна поранешната француска министерка за економија.
ЕУ вчера повторно изрази силно незадоволство кон Грција и се закани дека ќе запре со нејзино финансирање доколку не бидат спроведени ветените економски реформи. Откако побараа поголем напор од Атина, министрите за финансии од ЕУ побараа и писмена гаранција за преземените обврски од главните политички партии во Грција. Приватните кредитори, пак, од своја страна го повторија ставот дека не сакаат отпишување на повеќе од 50 проценти од грчкиот долг.
|