25.01.2012, 13:26 Петрич: БиХ може да се распадне
Поранешниот висок претставник на меѓународната заедница во Босна и Херцеговина Волфганг Петрич предупреди дека БиХ може да се распадне доколку нејзините институции не функционираат.
Според Петрич, неопходно е да заврши воспоставувањето на основните државни институции и овозможување на нивното неопходно функционирање.
Во однос на изјавата на неговиот колега Педи Ешдаун дека сепаратизмот на Република Српска е закана за опстанокот на земјата, Петрич истакна дека во тој случај е значаен регионалниот контекст.
- Сметам дека на Белград му е јасно дека што и да прави РС негативно во однос на држата БиХ тоа ќе има негативно влијание врз аспирациите на Србија кон Европската унија, изјави Петрич за „Дневни аваз“.
Петрич нагласува дека ситуацијата во БиХ во изминатите неколку години се движи наназад и истакна дека меѓународната заедница е предолго во БиХ без пренесување на одговорноста на локалните власти и дозволувајќи некои од нив премногу да си поигруваат, отколку сериозно да се занимаваат со политика.
Поранешниот висок претставник на меѓународната заедница во Босна и Херцеговина нагласи дека вниманието на ЕУ ослабнува.
- Можеби е случајност, но откако пропадна референдумот во ЕУ, во Франција и Холандија во 2005 и 2006 година, постои се помал интерес за југоисточна Европа, односно Западен Балкан, истакна тој.
Петрич исткнува дека тоа претставува голем проблем особено за неразвиените и слаби држави како БиХ, каде интересот за ентитетите е посилен од интересот за државата.
Во однос на најавите на РС за одземање на надлежностите на Судот и Обвинителството на БиХ, Петрич истакна дека е голем проблем кога се прават обиди некои достигнувања да бидат поништени, особено во така чуствителна област.
- ЕУ треба јасно да каже, без никакви сомнежи, дека се кршат европските стандарди и дека тоа е недозволиво. БиХ ќе биде децентрализирана и тоа не е проблем, но некои работи мора да бидат заеднички, како што се безбедносната служба, судството и институциите кои работат на приближување на Европската унија, истакна Петроч.
Според него, новата Влада на БиХ треба да демонстрира воља за приближување на целата држава кон ЕУ.
- Сега ЕУ има голем број внатрешни проблеми така што БиХ мора да биде поактивна во искажувањето вољата да се приклучи кон Унијата, предурпеди Петрич.
|