19.01.2012, 11:18 Православните верници го слават Богојавление - Водици
Празникот, кој се слави уште од вториот век, е поврзан со крштевањето на Исус Христос од свети Јован, кој оттогаш се нарекува Крстител, а фаќањето на крстот значи соединување на човекот со Христа
Православните верници денеска го слават големиот христијански празник Богојавление - Водици.
Празникот, кој се слави уште од вториот век, е поврзан со крштевањето на Исус Христос од свети Јован, кој оттогаш се нарекува Крстител, а фаќањето на крстот значи соединување на човекот со Христа. Овој празник се нарекува уште и Водици, заради големиот водосвет, што го извршува Црквата на овој ден. Во спомен на крштевањето на Господ Исус Христос, и денес се свети вода.
Богојавленската литургија почнa во 9 часот во црквата „Св. Димитрија“ во Скопје, а во 11 часот поглаварот на Македонската православна црква г.г. Стефан заедно со свештенослужителите и верниците со литија ќе се упати кон мостот кај хотелот „Холидеј Ин“, каде ќе ги освети водите на Вардар. Чинот на положувањето на светиот крст во Скопје ќе биде напладне, а по него ќе скокнат 127 пријавени верници. Меѓу канадидатите има и една девојка. Оваа алтернативна локација е избрана како најбезбедно привремено решение поради градежните активности што се вршат од двете страни на Камениот мост.
Се смета дека оној што ќе го фати крстот цела година ќе го следи среќа, здравје и благосостојба.
Организатор на манифестацијата „Водици 2012“ е дневниот весник „Нова Македонија“.
Организаторите заедно со своите традиционални партнери за сите учесници подготвија пригодни подароци. Кум на манифестацијата „Водици 2012“ по 10 години повторно е Сашко Станинов.
Заради собирот, од 10 до 14 часот ќе биде затворена за сообраќај улицата „Стив Наумов“ и споредните улички на потегот од Градската болница до крстосницата со булеварот „Гоце Делчев“.
Крстови ќе бидат фрлени и во другите населени места во Македонија, а најмасовно се очекува да биде во Охрид. На спуштањето на крстот во водите низ државата му претходат литургии во храмовите на МПЦ и Богојавленски литии.
Богојавление (Водици) - 19 јануари, согласно Законот за празници на Република Македонија е неработен ден за верниците од православна вероисповед.
|