20.01.2012, 10:44 Се одлага референдумот во северно Косово
Локалните жители треба да се изјаснат дали ќе прифатат воспоставување на косовските државни институции на подрачјето на северно Косово, објави белградскиот весник „Вечерни новости“
Лидерите на Србите од северно Косово во следниве денови ќе го разгледаат предлогот на властите во Белград за одлагање на референдумот, најавен за 14 и 15 февруари, на кој локалните жители треба да се изјаснат дали ќе прифатат воспоставување на косовските државни институции на подрачјето на северно Косово, објави белградскиот весник „Вечерни новости“.
Според весникот, на вчерашната средба со претседателите на општините Косовска Митровица, Зубин Поток, Лепосавиќ и Звечан, српскиот министер за Косово и Метохија, Горан Богдановиќ истакнал дека во овој момент не е неопходно спроведување на ваков референдум, бидејќи тоа би можело да ги урне дипломатските напори на Белград во преговорите со Приштина и да се одрази негативно врз одлуката на Брисел околу кандидатурата на Србија за членство во ЕУ.
Претседателот на локалната самоуправа на северниот српски дел на Косовска Митровица, Крстимир Пантиќ вели дека општините во северно Косово ќе ја разгледаат можноста за одлагање на референдумот, бидејќи не сакаат да носат какво и да било решение што ќе биде во спротивност со државните и националните интереси на Србија.
- Ако се покаже дека одлагањето на референдумот ќе ги подобри позициите на Владата и на претседателот Тадиќ, тогаш сме подготвени да разговараме за пролонгирање на датумот, нагласи Пантиќ.
Најавата за одлагање на референдумот доаѓа по изјавата на српскиот вицепремиер и министер за внатрешни работи Ивица Дачиќ дека несогласувањата меѓу државното раководство и Србите од северно Косово може да бидат фатални како по интересите на косовските Срби, така и по интересите на цела Србија.
|