16.01.2012, 16:03 Бебето починало од премрзнатост
Бебето кое што беше пронајдено во петокот во контејнер зад Универзална сала во Скопје, починало од премрзнатост. Ова се првичните информации од обдукцијата која што беше извршена во Институтот за судска медицина во Скопје. Како што се дознава, новороденчето било старо само неколку часа. Претпоставките на полицијата се дека тоа веднаш по породувањето било оставено во контејнер, каде буквално премрзнало, по што настапила и смртта.
На телото на бебето немало траги на насилство.
„Полицијата работи на целосно расветлување на случајот и пронаоѓање на родителите на новороденчето“, велат во МВР. Истрагата продолжува.
Мртвото бебе беше пронајдено околу 11 часот во петокот на раскрсницата од улиците „29 Ноември“ и „Борка Талески“ зад Универзалната сала. Го забележале скитници, кои копале по контејнерот. Местото каде што се случи грозоморниот настан се наоѓа на прометна улица, каде има неколку згради и еден куп продавници и дуќани. Кој го фрлил бебето во контејнер се уште не се знае. (Д.Т.)
|