24.01.2012, 11:47 Богдановиќ: Граѓаните немаат корист од референдум
Министерот за Косово и Метохија во српската Влада, Горан Богдановиќ изјави денеска дека е многу опасно доколку се донесе одлука за одржување референдум на север на Косово бидејќи граѓаните од тоа нема да имаат корист, а Србија може да има штета особено во ситуација кога треба да се продолжи дијалогот со Приштина.
- Мислам дена никој нема право да влегува во судир со државата од која зависи, особено што државата се бори за Косово, изјави тој за телевизија Пинк. Според него, во моментот е потребно единство.
Министерот додаде дека во текот на минатонеделниот состанок со претставници на четири општини на север во Косово стекнал впечаток дека постои разбирање, но и притисоци на нивните партиски центри да се одржи референдумот.
- Поединци повеќе водат сметка за партиски интереси и лични, отколку за граѓаните, оцени Богдановиќ. Тој е со став дека таквото однесување може само да им пречи на луѓето кои живеат на север во Косово и Србија „мора да мисли на Србите јужно од Ибар кои исто така стравуваат што може да се случи доколку се одржи референдумот“.
Богдановиќ вели дека цел на Србија е добивање статус кандидат за членство во ЕУ што е интерес и на граѓаните во Косово.
- Со добивање статус кандидат и влез во ЕУ полесно ќе се бориме за остварување на нашите интереси на Косово, изјави Богдановиќ.
|