26.01.2012, 12:40 Меркел се сомнева во шансите за спасување на Грција
Германскиот канцелар Ангела Меркел изрази сомневање во шансите на Европската Унија за спасување на Грција. Ова е е првпат Меркел јавно да признае дека не верува во можноста на една членка на еврозоната, како Грција, да се спаси од финансиски крах и од банкротство, јави дописникот на МИА од Лондон.
Во интервју за „Гардијан“ и за уште пет други европски весници, германскиот канцелар потврди дека првото покривање на долговите на една земја, што го има направено ЕУ, како и острите мерки за штедење, немаат ефект ниту после две години интензивно работење за решавање на кризата, што го доведе на работ од пропаст еврото.
- Ние се уште не можеме да ја надминеме кризата, а останува и прашањето на посебниот случај со Грција, каде покрај многу напори што се направени, ниту Грците, ниту меѓународната заедница се уште не може да се справат со ситуацијата и да обезбедат стабилизација, вели Меркел во интервјуто.
Германскиот канцелар се спротивстави на како што вели, распространетото спротивставување во ЕУ и во Велика Британија, за тоа Европскиот суд на правдата да биде овластен да ги контролира јавната потрошувачка и буџетската политика на 17-те земји членки на еврозоната.
Ангела Меркел во заедничкото интервју за шест весници од Европа, се заложи за „евентуалното создавање на една европска политичка унија“, во која многу повеќе национални овластувања и права ќе се пренесат на една централна влада, на помоќниот дводомен европски Парламент и на Европскиот суд на правдата, кој во таа унија би ја играл улогата на европски врховен суд.
|