26.01.2012, 14:57 МКЦ се поднови за 40. роденден
Објектот има нов покрив и фасада, нова современа опрема и 3Д кино
ФОТО: Киро Попов
Со нов покрив и фасада, нови прозорци, врати и тоалети, со современа аудио и видео опрема за киното. Вака изгледа објектот на МКЦ, кој денеска беше официјално промовиран со подновениот изглед. Објектот, кој е под надлежност на Град Скопје се реконструираше благодарение на ЕУ и ИПА фондовите. Во обновата биле вложени 35 милиони денари. Градските власти, пак, инвестирале 4 милиони денари за аудио и видео опрема за киното „Фросина“ кое работи во рамките на МКЦ.
Реконструираниот објект денеска го промовираа градоначалникот Коце Трајановски, директорот на МКЦ, Златко Стефковски и Роберт Лидл, вршител на должност амбасадор на ЕУ.
„Мислам дека овој проект истовремено ја отсликува нашата соработка со лоаклана власт, бидејќи тие ги обезбедуваат дополнителните средства потребни за комплетирање на проектите“, изјави Лидл при посетата на објектот.
Градоначалникот Трајановски најави дека Градот Скопје наскоро ќе помогне да се доуреди холот на објектот.
Инаку, годинава МКЦ слави 40 години постоење. По тој повод роденденот ќе се одбележува преку целата година. Во рамки на јубилејот на 4 февруари ќе се отвори првото 3Д кино.
„Она што е сторено со помош на средствата добиени на ИПА фондовите преку ЕУ, како и со сестраната помош на Градот, сакаваме да го одбележиме на овој начин“ изјави директорот на МКЦ, Стефковски и истакна дека јубилејот почнале да го слават на 17 јануари.
|