17.01.2012, 11:42 Се отвора годишната изложба на ДЛУМ
Во Музејот на Град Скопје вечер ќе биде отворена годишната изложба на Друштвото на ликовни уметници на Македонија (ДЛУМ), на која ќе учествуваат 120 ликовни творци, со дела во сите категории и техники
На отворањето ќе бидат објавени добитниците на годишните награди „Нерешки мајстори“, „Лазар Личеноски“ „Петар Мазев“, „Димитар Кондовски“ и „Димче Николов“, кои ДЛУМ ги соопшти вчера.
Добитник на наградата „Нерешки мајстори“ за сликарство и континуирано творештво е Никола Иванов Балтон, а наградата „Лазар Личеноски“ за едногодишна ликовна продукција ја добиваат Стефан Хаџиниколов и Илија Спасовски Чендо.
Наградата „Петар Мазев“ за сликарство за помлад автор оди во рацете на Зарије Амдију и Владимир Симеонов, додека наградата „Димитар Кондовски“ за сликарство ја доби Константин Качев.
Наградата за скулптура „Јордан Грабул“ му е доделена на Слободан Милошевски, а наградата за графика „Димче Николов“ ќе ја добие Петра Јовановска-Ристовска.
|