23.01.2012, 14:56 ВМРО-ДПМНЕ: Црвенковски јавно да се извини за помилувањето на Верушевски
Како што изјави партискиот портпарол Александар Бичиклиски на денешната прес-конференција, „само среќа го спасила невиниот граѓанин од можното убиство од страна на Александар, инаку син на разузнавачот Зоран Верушевски и пријател на Црвенковски
ВМРО-ДПМНЕ го повика денеска Бранко Црвенковски да преземе морална одговорност, лично и јавно да се извини поради својата одлука во 2007-та кога беше претседател на државата за помилувањето на Александар Верушевски, а кој е обвинет и притворен за обид за убиство и недозволено поседување огнено оружје во Струга минатата недела.
Како што изјави партискиот портпарол Александар Бичиклиски на денешната прес-конференција, „само среќа го спасила невиниот граѓанин од можното убиство од страна на Александар, инаку син на разузнавачот Зоран Верушевски и пријател на Црвенковски, а кој тој го помилува од извршувањето на правосилната судска пресуда-казна затвор за сторено кривично дело обид за изнуда на пари“.
- Како резултат на оваа одлука на Црвенковски, Александар Верушевски не ја одлежа својата казна затвор. Тогаш Бранко Црвенковски се правдаше дека тоа го направил поради здравствени причини на осудениот и дека цитирам “затворот не е детска градинка”. Истиот тој Верушевски, миленичето на Бранко Црвенковски кој беше амнестиран сега посегна по животот на друг човек и ќе одговара за обид за убиство, рече Бичиклиски.
Тој праша со што толку е задолжен Црвенковски од страна на таткото на Александар, Зоран Верушевски за постојано да го заштитува, а го назначил и за дипломат во македонската амбасада во Италија.
|