26.01.2012, 11:39 Втор ден од светскиот економски форум во Давос
Светскиот економски форум на кој економски и политички лидери бараат решение за излез од должничката криза ќе продолжи денеска во Давос. На вториот ден на учесниците ќе им се обратат премиерите на Британија и Канада, Дејвид Камерун и Стивен Харпер.
Ќе биде одржана и дебата за импликациите на „арапската пролет“ како дебата за промените во Африка, на која ќе зборуваат лидерите на Јужна Африка, Етиопија и Танзанија.
Германскиот канцелар Ангела Меркел на отворањето на Форумот истакна дека Германија покажала одлучност во целост да се одигра улога во борба против кризата во еврозоната, но нема да дава ветувања кои нема да може да ги исполни.
- Од почетокто зборуваме дека сакаме да го одбраниме еврото, но не сакаме да дојдеме во ситуација да бидеме приморани да ветуваме нешто што нема да можеме да го исполниме, изјави таа.
Меркел наведе дека постојат структурни слабости во еврозоната, како и голема нерамнотежа и конкурентност меѓу државите-членки.
- Сведоци сме на сериозен пад на довербата во остатокот од светот. Тие не се сигурни дека ние ќе направиме нешто, потенцира Меркел.
Лидерите од Латинска Америка на форумот во Давос истакнуваат дека по повеќе децении штедење и реформи нивните економски системи се во релативно добра состојба.
Пред почетокот, повеќе од 2.600 учесници изразија надеж дека еврозоната се движи кон спас од катастрофа иако бизнис елитата предупредува на внимателност од потезите во монетарната унија. Многу европски официјални лица од еврозоната кои се фокусирани на решавање на кризата во својот регион, ќе бидат само еден ден на Форумот за разлика од минатите години.
|