23.01.2012, 14:52 ССМ: Мобингот е присутен во Македонија, треба да се донесе посебен закон
Во Македонија е присутен мобингот и треба да се донесе посебен закон којшто ќе ја третира оваа проблематика, оценуваат од Сојузот на синдикати на Македонија врз основа на добиените резултати од едногодишната работа на Канцеларијата на заштита од мобинг при ССМ.
Според податоците од спроведеното истражување, 44 отсто од анкетираните над илјада работници, сметаат дека мобингот е присутен, а досега до Канцеларијата за антимобинг се доставени над 140 предмети.
- Овој процент навистина зачудува и загрижува бидејќи последиците се многу големи, како по работниците, така и по работодавците. Причините се дека правата од работниот однос долги години наназад се намалуваат што очигледно бара да се донесе закон за мобинг којшто ССМ го предложи уште пред три години, но за жал беше изгласан само еден член којшто е многу мал допринос кон решавање на овој огромен проблем, изјави претседателот на Гранковиот синдикат за финансиски дејности Гоце Селовски.
Според претседателот на ССМ Живко Митрески, податоците се доволен показател дека следен чекор што ќе го преземат синдикатите ќе биде промовирање на потребата од донесување на посебен закон за мобинг.
- Во Република Македонија присутен е мобингот и треба да се направи повеќе од она што е направено со еден член во Законот за работни односи. Овие резултати се доволен показател дека еден од следните чекори на синдикатите ќе биде да ја промовираме потребата од донесување на посебен закон за мобинг, рече Митрески.
Истражувањата на Канцеларијата за антимобинг покажуваат дека се присутни сите форми на мобинг почнувајќи од мобингот меѓу колегите, мобингот од претпоставени и во последно време т.н. политички мобинг. Забележани се и случаи во кои претпоставените се жалат на мобинг.
|