26.01.2012, 10:55 МАНУ соопшти 35 кандидати за членови во редовниот состав
Се работи за имиња од различни сфери, од кои триесетина се доктори на науки
Претседателството на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) ги соопшти 35-те поднесени кандидатури за членови во редовниот состав на Академијата. Се работи за имиња од различни сфери, од кои триесетина се доктори на науки.
Предложени се Абдулменаф Беџети, Венко Андоновски, Газанфер Бајрам, Блажо Боев, Гоце Василевски, Танас Вражиновски, Лилјана Гавриловска, Михаил Гаревски, Љубиша Георгиевски, Марјан Гушев, Данчо Давчев, Александар Димовски, Дејан Докиќ, Алексеј Дума, Богомил Ѓузел, Јорде Јаќимовски, Мирјана Кочова, Јане Коџобашија, Јелена Лужина, Фатмире Лумани, Марјан Марковиќ, Никола Матовски, Мирјана Менковска, Ќемал Мурати, Владимир Ортаковски, Севим Пеличкова, Лидија Петковска, Ѓорѓи Поп-Атанасов, Јордан Савески, Веле Смилевски, Гоце Спасовски, Стојан Стојков, Стојан Попов, Глигор Чемерски и Тодор Чепреганов.
Овие предлози Претседателството на МАНУ ги доставило до одделенијата на МАНУ за науките, односно за уметностите, зависно од која област се научните трудови или уметничките творби на предложениот кандидат, и од одделенијата треба да добие мислење за нив.
- Постапката за предлагање кандидати за редовни членови, за членови надвор од работниот состав и за почесни членови продолжува во одделенијата на МАНУ, кои заклучно со 23 март 2012 година треба да ги достават своите предлози до Претседателството на МАНУ. До овој датум одделенијата треба да ги достават до Претседателството на МАНУ и мислењата по предлозите поднесени од три редовни члена на Академијата; наставно-научни совети на високообразовни установи; научни совети на научни установи; собранија на научни и уметнички здруженија, информира Претседателството на Академијата.
Од 7 април Претседателството ќе го стави на јавен увид Билтенот на Академијата со предлозите и мислењата на одделенијата, како и трудовите на предложените кандидати и нагласува дека за тоа јавноста ќе биде известена.
|