29.12.2011, 14:44 Ристовски: За 180 места за ИТ програмери пријавени 1334 лица
За учество во обуките за 180 ИТ програмери за девет ИКТ програми како дел од политиката за вработување преку Агенцијата за вработување се пријавиле 1.334 лица, информира денеска на прес-конференција министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски.
Во текот на јануари ќе полагаат квалификациски испити, врз основа на кои ќе се селектираат 180 што ќе поминат обука и до 1 јуни следната година да се стекнат со сертификат, кој треба да им помогне да најдат работа.
Пријавените 1.334 апликанти се за десет пати повеќе од тие што аплицирале минатата година, што, според Ристовски, е исклучителен напредок и го покажува интересот на граѓаните за оваа мерка за вработување. Лани преку истата мерка за 75 места аплицирале 180 лица. Тоа покажува дека институциите презеле правилен потег со зголемување на квотата за оваа активна мерка што побуди интерес за вклучување на граѓаните особено на младите кои сакаат да бидат дел од информатичките технологии, посочи Ристовски.
Според министерот за информатичко општество Иво Ивановски, станува збор за скапа професионална обука преку која лицата ќе се стекнат со знаења за девет врвни барани програми и со сертификат за секоја од нив. - Оваа обука во некои од развиените западни места се цени повеќе отколку дипломата која ја имаат факултетите затоа што работодавачите знаат дека знаењето што е стекнато е навистина неопходно, рече Ивановски.
Тој истакна дека од 75. лица кои лани ги посетувале обуките 65 проценти веќе нашле работа. Од 21. лице со сертификат, 18 се вработени со примања многу повисоки од просечната плата во Македонија. Ова значи дека програмата е успешна и ќе продолжиме со неа, наведе Ивановски.
Директорот на Агенцијата за вработување Влатко Поповски најави дека списоците за тестирање со кандидатите и компаниите кои ќе ги вршат во сите градови ќе бидат објавени на 9 јануари на веб страниците на министерствата за труд и социјална политика, за информатичко општество и администрација и на Агенцијата за вработување. Преку средства од ИПА, информира, ќе бидат обучени уште 115 лица за програмски јазици. - Утврдено е оти таков тип обуки се потребни на пазарот на трудот и веруваме дека има успешни вработувања, наведе Поповски.
|