06.01.2012, 16:19 Одборот за прослава на Бадник го презеде кумството на скопското бадникување
Пред платото на Соборниот храм „Св. Климент Охридски“ денеска се одржа 20-то традицонално скопско бадникување во организација на Здружението на граѓани Одбор за традиционална прослава на Бадник.
Поглаварот на Македонската православна црква г.г.Стефан од стариот кум генералниот директор на „Алкалоид“, Живко Мукаетов го прими преодниот бадникарски ќуп што симболизира единство и им го врачи на годинашните кумови на манифестацијата, членовите на Одборот - Борче Петрушевски и Александар Пановски.
Главната свеченост почна со подигнување на бадникарското знаме придружено со бадникарска химна, по што следеше осветување на бадниковите гранчиња. Свештениците од Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ ги осветија нафората, чајот и ракијата, како и бадникарските гранчиња, што годинашниот кум и здравичарот традиционално порано ги набраа од падините на Водно, а кои им се делеа бесплатно на присутните.
- По 20 пат, на возобновеното празнување на Бадник се собравме за да ја искажеме и покажеме нашата подготвеност за празникот што д��аѓа, за утрешниот Божик. Овој ден - Бадник значи ден за будност, за будност пред настанот што ќе се случи, значи ден за бдеење во пресрет на спасоносното доаѓање на богочовекот, значи ден во кој со особен духовен трепет им се придружуваме на пастирите и мудреците кои заедно со ангелите, први го прославија рождеството на Бога како човек, рече поглаварот на Македонската православна црква, архиепископот охридски и македонски, г.г. Стефан.
Овој богодаруван ден, потенцира тој, со својата длабока таинственост не враќа далеку во времето, не носи таму каде што Бог стигна, слегувајќи од небото. Тој потенцира дека најдобро ќе славиме и годинава и секогаш, доколку Бога го имаме близу, го имаме и го носиме во себе.
- При секое мое обраќање на Бадник препорачував и еве ќе препорачам и денес да ја чуваме светоста на настанот и празникот. Молитвеното е највистинското прославување. Бадник треба да биде ден за молитва и духовна радост, поради претстојниот Божик. Скромност во се, па и во празнувањето е доблест што подразбира денот на празникот да му го посветиме на Бога и на неговите светии, рече г.г. Стефан и го истакна трудот и ангажирањето на членовите на Одборот за прославување на Бадник кои, како што рече, се пример за тоа како се сака традицијата, како се служи и како се радува на Бадник.
Здравичарот - новинарот Драган Антоновски на сите им посака насмевки, добро здравје, а во семејствата слога, разбирање, почитување, сплотување, подавање рака едни на други и помагање на немоќните.
- Здравица и за иднината на нашата Македонија на која сме и потребни сите, целиот потенцијал, и власта и опозиција, и тие од Запад, Исток, Север и Југ. Сите се потребни и важни за мирот. Да гледаме напред и да чекориме без да газиме други. Здравица за нашата црква, која овие деновие не потсетува дека сме минале низ многу премрежја, ама вербата, трпеливоста и, пред се, мудроста не прави и посилни и не храни до гордост и стаменост. Не бележи како библиски народ кој до ден денес и пркоси на неправдата во име на своето, светото, македонското, рече Антоновски и посака бериќет и многудетност во семејствата во 2012 година.
Скопскиот градоначалник Коце Трајановски честитајќи го Божик посака мир, благосостојба, здравје, среќа, успех и напредок за подобро Скопје и за подобра Македонија. Тој најави дека ќе продолжат и понатаму со ентузијазам да го градат Скопје за да стане вистинска европска престолнина.
Кон честитките за празникот се придружија и стариот кум Мукаетов и новите кумови.
Скопската епахија на МПЦ додели благодарница на Здружението на граѓани Одбор за традиционална прослава на Бадник за извонредната соработка и укажаната помош во делот за запазувањето на достинството на нашата света Македонска православна црква. Благодарницата ја прими Борче Петрушевски.
Новите кумови од Одборот поминаа меѓу присутните бадникари и заминаа со пајтон.
Делегација од Одборот на прославата денеска го посети и Домот за стари и изнемоштени лица „Мајка Тереза“ во Злокуќани каде додели божикни подароци.
|