03.01.2012, 12:01 Иванов: Глигоров еден од протагонистите на независноста на Македонија
„Бидете горди на Киро Глигоров, како што и македонскиот народ е горд на него“, истакна претседателот Ѓорге Иванов на денешната комеморативна седница во Собранието на Република Македонија.
Животот на Киро Глигоров беше историја на македонската држава. Во еден ист човечки живот, да се биде соработник и на Шатев и на Влахов, и на Панко Брашнаров и на Ченто, да се биде и на АСНОМ и на основањето на независната република 47 години подоцна. На 74-годишна возраст да се застане на чело на државата. Тој беше еден од протагонистите на независноста. Затоа, сакам да им порачам на членовите на семејството на поранешниот претседател: Бидете горди на Киро Глигоров, како што и македонскиот народ е горд на него, истакна претседателот Ѓорге Иванов на денешната комеморативна седница во Собранието на Република Македонија.
- Кога прв пат беше избран за претседател на Република Македонија, Киро Глигорв го заврши своето инагуративно обраќање во македонското Собрание со познатата историска максима „Македонија е се што имаме“. Преку таа мисла, тој го пренесе заветот на нашите претци. Затоа денес, кога се простуваме од човекот кој е нераскинлив дел и од АСНОМ и од независна Република Македонија, се сеќаваме за тоа што Македонија претставуваше за него, но и за сите нас, рече Иванов.
Упатувајќи изрази на сочувство до семејството и до сите граѓани на државата, Иванов потсети дека Глигоров како прв претседател на независна и суверена Република Македонија ја имал историската улога да биде на чело на државата во времето кога таа беше негирана, блокирана и игнорирана и внимателно и трпеливо да го пробива патот кон меѓународното признавање на Македонија.
- Воден од идејата да се биде свој на своето, да бидеме широко отворени кон светот, како целосно независен, рамноправен и творечки субјект, Глигоров апелираше до меѓународната заедница да ја признае Македонија, истакнувајќи дека „официјалното признавање ќе и овозможи на државата Македонија да воспостави, врз исправна и стабилна основа, односи со другите држави“. Денес, 133 држави ја признаваат нашата земја под уставното име. Киро Глигоров доживеа да ја види Македонија како стабилна и напредна држава, меѓународно признаена и препознаена, нагласи Иванов.
Но, она за што ние и идните генерации ќе бидеме благодарни, истакна Иванов, е, секако неговата улога во стекнувањето на независноста и етаблирањето на Република Македонија во меѓународната заедница.
- По долготрајни одложувања, поради грчките противења на признавањето на Македонија и приемот во меѓународните организации, на 7 април 1993 година, на денот на приемот на Република Македонија во Светската организација како 181-ва држава-членка, Глигоров стана првиот македонски претседател кој се обрати пред Генералното собрание на Обединетите нации, каде изјави дека „со овој чин се круниса повеќевековниот стремеж на македонскиот народ и неговата 130-годишна борба за слобода и независна држава, посочи Иванов.
Тој додаде дека Глигоров успешно и мудро ја водел Македонија во времето на распадот на поранешна СРФЈ и за мирното раздружување, оти благодарение на неговата мирољубива политика останал да биде почитуван во земјата и во регионот.
На комеморативната седница присуствуваа претседателот Собранието Трајко Вељаноски, премиерот Никола Груевски, лидерот на СДСМ Бранко Црвенковски, претседателот на Уставниот суд Бранко Наумовски, поглаварите на МПЦ Г.г. Стефан, на ИВЗ Реис ул улема хаџи Сулејман Реџепи, гувернерот на НБРМ Димитар Богов и претставници на дипломатскиот кор.
Киро Глигоров почина завчера во својот дом во Скопје на 94 години. Роден е на 3 мај 1917 година во Штип. Беше претседател во два мандата од 1991 до 1999 година. За претседател на Република Македонија беше избран на 27 јануари 1991 година од страна на Собранието, а по втор пат на 19 ноември 1994 на претседателски избори. Функцијата претседател ја извршуваше до 19 ноември 1999 година.
Глигоров ќе биде погребан денеска во Алејата на великаните на гробиштата во Бутел.
Денешниот ден во Македонија е прогласен за ден на жалост.
|