05.01.2012, 13:58 Колеж во мексикански затвор
Во мексикански затвор во Алтамира во покраината Тамаулипас дојде до жесток судир на банди, во кој настрадаа 31 затвореник, а повеќе од десетмина се повредени, јавуваат локалните медиуми. Имено, во затворот на север од земјата се судриле банди, а „војната“ со ножеви и импровизирано оружје внатре меѓу ѕидините на затворот траела неколку часови пред полицијата да успее да ги смири судрените страни.
Судирот почнал кога група затвореници упаднала во делот од затворот кој за нив бил забранет и нападнале еден затвореник. Повеќето од жртвите им подлегнаа на раните од убоди од нож, но има и такви кои се претепани до смрт со камења и тешки предмети.
Медиумите нагласуваат дека ова е продолжение на насилните инциденти во пренатрупаните мексикански затвори. Имено, судири меѓу припадници на различни групации на мексикански наркокартели обично од улица продолжуваат во затворите каде мексиканската полиција уште потешко ги контролира. Затворот во Алтамира минатата година беше сцена на крвав судир кога беа убиени четворица затвореници.
|