29.12.2011, 11:57 Растот на економијата во 2012 ќе зависи од влијанијата на кризата во еврозоната
Македонската економија следната година според мометалните проекции и на Владата, на Централната банка и на Меѓународниот монетарен фонд, ќе има раст, иако се очекува да се соочи со влијание од кризата во еврозоната.
Економијата во 2012 година според Владата ќе порасне за 4,5 отсто, НБРМ прогнозира раст од три, а ММФ од два отсто.
Опасноста од кризата во Европа да се прелее во сите земји е реална, што, според претставници на Владата, бара максимална внимателност при водењето на економските политики. Македонија е подготвена за сите сценарија, состојбата ќе се следи и доколку е потребно ќе се излезе со дополнителни мерки. Буџетот е скроен флексибилно за да може да се приспособи на состојбите и ризиците доколку е тоа потребно. Главниот фактор на доверба и фискалната политика за следната година е одржувањето на буџетскиот дефицит под три проценти, односно проектираниот од 2,5 проценти. Строгата фискална политика ќе продолжи наредната година, а ќе има повеќе пари за капитални расходи со цел поддршка на економијата и обезбедување работа за македонските компании во вакви услови.
И монетарната политика во 2012 година ќе биде поставена соодветно на предизвиците што постојат. Случувањата се следат и зависно од тоа дали ќе има потреба, НБРМ најави дека ќе ги корегира своите инструменти со цел да ја задржи стабилноста, односно ниската инфлација, стабилниот курс на денарот и да не го загрози банкарскиот сектор. Сепак, сметаат дека ќе нема потреба за силни мерки.
Засега, според Владата, економијата е стабилна, финансискиот сектор безбеден, девизните резерви се на задоволително ниво, а задолжувањето и буџетскиот дефицит се на ниско ниво.
|