21.01.2012, 20:46 Груевски: Грција купува време и не сака решение
Премиерот вели дека жали што Грција се обидува на таков начин да купува време за, како што наведе, да дојде периодот некаде крајот на март кога ќе кажат сега имаме избори, не можеме да разговараме
Последната рунда разговори околу надминување на проблемот со името што го наметна Грција пред 15-20 години практично ги потврди моите претходни претпоставки дека Атина ќе се обиде само да купува време и да ја игра онаа игра „плеј гејмс“ со која ќе сака да се претстави дека таа прави се, прави многу напори да се реши проблемот, додека ние сме тие тврдите и непопустливи што не сакаме да го решиме проблемот, изјави денеска премиерот Никола Груевски.
- Од информациите што ги добив беше јасно дека медијаторот Нимиц сакаше да дојде во Скопје и во Атина во текот на февруари. Тој дури и понуди два датума, мислам дека едниот беше 4 февруари, а вториот 15 февруари, но од другата страна не наиде на експанзивност. Еве јас и јавно потврдувам дека ние сме максимално подготвени и на 4 и на 15 февруари да го пречекаме, да го примиме и да разговараме или на кој било друг датум што тој ќе го одреди во комуникација со Грција. Останува да видиме дали Грција ќе се согласи да го прими бидејќи тој ако доаѓа треба да дојде во двете држави. Тоа е вообичаена негова пракса. За да нема шпекулации јас јавно ги потврдувам и двата датума и јавно го повикувам да отиде во Атина и да дојде во Скопје бидејќи така е договорено, прво во Атина па во Скопје, за да ги продолжиме разговориме, рече Груевски, одговорајќи нан новинарски прашања по пуштањето во употреба на спортска сала во ОУ 11 Октомври.
Вели дека жали што Грција се обидува на таков начин да купува време за, како што наведе, да дојде периодот некаде крајот на март кога ќе кажат сега имаме избори, не можеме да разговараме.
- Меѓутоа, тоа беше практично најавено по постапките коишто претходно ги видовме, постапки во кои се презентираа најрадикалните позиции кои го одвраќаат кој било во Македонија за да се постигне решение. Жалам што е тоа така и жалам што се уште меѓународната заедница на некој начин ги затвора очите пред она што го прави Грција. Зошто го прави тоа, останува да видиме во следниот период. Меѓутоа, се надевам дека како времето ќе минува така овој однос на Грција ќе наидува на се помалку поддршка кај меѓународната заедница и дека нема да може вечно на оваа карта со купување време, изјави Груевски.
За грчките обвинувања за пародијата на Вевчанскиот карневал, премиерот оцени дека наведувањето на вевчанските маски како причина да се одложат разговорите за надминување на еден од најголемите проблеми на Балканот, како и залажувањето на сојузниците во НАТО и партнерите во ЕУ, не е ништо друго освен една поголема пародија отколку што е таа во Вевчани.
- Ќе потсетам дека Република Македонија имаше јасна пресуда на Меѓународниот суд на правдата и ако се следи ситуацијата правно имаме една чиста и јасна ситуација во која е сосема јасно искажано од Судот дека Грција како земја-членка на НАТО ја доведе во заблуда целата Организација, целиот НАТО кој донесе заклучок, што беше донесен на некој начин во ситуација на заблуда откако претходно една земја-членка, а тоа е Грција, направи редица незаконски дејствија кои подоцна Судот ги осуди и укажа дека тоа не смее да се повтори. Ние ќе продолжиме да работиме за нашето членство во НАТО и во ЕУ и убеден сум дека не може вечно да трае овој однос на Грција и толеранцијата што ја имаат партнерите и сојузниците за тоа кој кога и каде независно има избори во моментот па заради тоа има одредени политички калкулации. Еден ден на оваа игра на Грција мора да и биде ставен крај, истакна Груевски.
Прашан за коментар за изјавите на американскиот заменик помошник државен секретар Филип Рикер, дека е потребно повеќе храброст за решавање на проблемот, македнскиот премиер одговори: „се разбира дека ние ќе правиме се да имаме поголема храброст, но исто така и другите земји-членки на НАТО треба да имаат храброст и да ја прифатат пресудата на Меѓународниот суд на правдата“.
|