29.12.2011, 10:09 Маџовски: Tие што ги кршеле човековите права да не бидат на јавни функции
Лустрацијата, според него, сама по себе нема значење, односно може да биде само добар лакмус показател за наталожената беда и заробеност на духот.
На македонската лустрација може да се гледа и како на своевиден предизвик за градење нова поширока парадигма за решавање на останатите спорови и конфликтности, било на етничка основа, со соседните држави, па најмногу и на меѓупартиска основа доколку конфликтноста станува крајно непродуктивна. Ова го истакнува Марјан Маџовски, еден од авторите на книгата „Лустрацијата во Република Македонија-Коментар на Законот за определување дополнителен услов за вршење јавна функција“.
Лустрацијата, според него, сама по себе нема значење, односно може да биде само добар лакмус показател за наталожената беда и заробеност на духот.
- Политичката инструментализација на процесот може да има епизодно значење и само да придонесе кон некоја идна спирала на нови реваншизми. Затоа, Македонија треба да престане да тоне во вртлозите на проблемите и конфликтностите и треба да се насочи кон можните решенија. Тр��ба да си дозволиме понуда на решенија и да разговараме отворено за нив, истакнува Маџовски.
За жал, вели Маџовски, дојдена е точката кога преку јавноста се врши притисок како да се спроведуваат одредбите, а индиректно се врши притисок и на судските инстанци. - Се прави обид да се сруши основната конструкција и цел на Законот преку дезинформирање. А основниот концепт на законот е тие што ги кршеле човековите права извесен период да не бидат на јавни функции. Нема барање на никаква вина и не е битно дали тоа го правале во едноумието или во плурализмот, додава тој.
Првпат во Македонија, како што истакнува, има закон кој односот обичен граѓанин и функционери кои ја водат државата го поставува во интерес на граѓанинот.
- Насекаде, во сите сегменти на општеството во изминативе 20 години, од граѓаните се бара да ги докажат повредите на нивните права, од права на работа па натаму и воопшто нивните слободи. И ретко кој што докажал, најмалку во судска постапка заснована на начелата на приоритет и итност како што е предвидено во Уставот. Уште помалку, во сите овие изминати бедни транзициски години, добиле заштита по основ на дискриминираност од Уставниот суд, вели Маџовски.
Според него, непримените на овие одредби е конкретен показател колку свесно лицемерие и незнаење има во овој сегмент и колку доцна почна нешто да се покренува во оваа област. - Сега, со овој Закон, тој кој сака да биде функционер треба да докажува дека не ги кршел човековите права само затоа што некој поинаку размислува, дека не земал пари токму поради тоа со години, дека не напредувал во кариерата со дебели скриени полициски врски и конечно дека поради тоа не дозволил и се уште не дозволува нови лица да се појават во сите сфери на животот. И се разбира кога ќе дојде на дневен ред примената на еден ваков закон се појавуваат бројни реални и лажни контраверзи и свесно пласирани дефокусирања, па во последно време и заплашувања, додава тој.
Маџовски посочува дека од независноста до денес еден ист мал круг на исти експерти, екс функционери и професори значително го креираат јавното мислење. - Јас сите овие години не слушнав сериозни идеи, варијанти или предлог решенија во јавните дебати по навистина битните прашања. Напротив, овие дебати со години беа намерно стерилни, а потоа влегоа во фаза на непродуктивни поларизации и пресметки. Затоа и престана да ги има, ја изгубија смислата. Во последниве години има одредени освежувања на јавната сцена, но тие се по друг, стриктен политички основ, истакна тој.
Говорејќи за небулозите поврзани со примената на Законот, Маџовски посочува дека се изнесува оти законот утврдува некаква вина, дека има некаква санкција, или загрозува некое право.
- Изјавите кои треба да се поднесат при вработувањата во приватните медиуми не се поврзани со губење на право, туку со стекнување на право на сопственикот да е информиран какви новинари ќе има. Нему му е оставено да оцени дали такви новинари ќе има, тоа е негово право и прашање на убедување. Исто така, не држат тенденциозните забелешки дека се загрозуваат елементи на безбедноста со овој закон, бидејќи тој го третира единствено идеолошко-политичкиот аспект. Овој закон нема врска, ниту со претходното, ниту со сегашното ангажирање соработници во борбата против тероризмот, организраниот криминал и другите модерни облици на нарушување на безбедноста, рече Маџовски.
Најголемиот дел од работите, како што додаде, кои непотребно се спорни во Комисијата за лустрација, а се поврзани со редоследот на работа на предметите се третирањето на предметите за кои не постои целосна документација, известувањето на јавноста за работењето на Комисијата, и по поединечни предмети, како и многу други прашања можат слободно да се регулираат со Деловникот за работа на Комисијата.
Тој посочува дека членовите на Комисијата треба да си го вршат свој дел од работата во процесот без притоа секојдневно да се објаснуваат низ медумите.
- Тие се една карика во лустрацискиот процес и не треба кај некои од нив да има забуна дека се за се одговорни и дека треба да го супституираат целиот процес на лустрација. Ако така мислат, тогаш и не е проблем што не го разбрале докрај духот на законот, туку што не разбираат како ваквите сложени процеси воопшто се движат и како тие самите треба да се постават. Кој од членовите на Комисијата има поинакво мислење нека го издвои на седница на Комисијата. Значи, тука покрај Комисијата се четирите субјекти - интитуциите од кои се добиваат податоците и да не заборавиме двостепената судска интанца која дава конечен суд за тоа како се применува законот и како се верифицирани фактите. Секој од овие субјекти од различни гранки на власта имаа свои надлежности кои треба законски да ги спроведува, вели Маџовски.
Во Македонија има целосна формална консезулна парламентарна поддршка на носењето на законот, но процесот на спроведување за тоа не оди така глатко... - Македонската лустрација има опасност да влезе во оваа спирала на т.н. злокобен круг, па потоа да се обидува да излегува по споредни излези, а може и многу мудро и елегантно и да го избегне овој негативен вртеж. Лустрацијата не е цел за самата себе, таа не треба да не закопа во минатото, да тонеме во пресметките и грешките од поблиско транзициско и подалечното еднопартиско минато, смета Маџовски.
Тој потсетува дека Законот за лустрација е работен согласно двете резолуции на Советот на Европа од 1996 и 2006 година и изготвените мерки за справување со минатото и спроведување на лустрацијата во земјите од Западниот Балкан поддржани од најзначајните меѓународни организации. Од друга страна, додава Маџовски, Резолуцијата на Европскиот парламентот против тоталитарноста и свесноста од 2009 година ми е една од основите за измените кои ги прелагам.
Во насока за успешно и целосно спроведување на процесот, Маџовски вели дека веќе една година предлага Законот да се надополни со две нови поглавја поврзани со процесот на помирувањето и рехабилитацијата на жртвите, при што чистиот процес на лустрација би завршил во рамките на првобитно предвидените пет години. - Наредните пет години би биле посветени на помирувањето и рехабилитацијата, а овие промени законски би требало да се воведат уште сега. Треба да се стави една разграничувачка линија кон поблиското транзициско и подалечното социјалистичко минато. Условно речено, на тој начин продуктивно ќе се ослободиме од товарот на минатото, при што на минатото и историјата активно треба да работат историчарите. Погледите треба да бидат свртени кон сегашноста и иднината, истакнува Маџовски.
|