29.12.2011, 10:15 Џафери: Затворањето на хашките случаи најкрупен чекор во 2011
Промените кои произлегоа од Охридскиот рамковен договор, посочува Џафери, беа нешто ново за нашиот систем, и донесоа крупни промени било во Уставот или законите, во самата методологија на менаџирање со институциите. Храбар чекор на оваа Влада беше затворањето на хашките случаи со што беше завршена примената на Законот за амнестија. Тоа е најкрупниот чекор кој придонесе во градењето на довербата меѓу заедниците и создаде поинаква клима и подобри услови за решавање на сите други прашања кои се поврзани со конфликтот.
Ова го истакнува вицепремиерот Муса Џафери, оценувајќи ја изминатата 2011 година во која беше одбележана 10-годишнината од Рамковниот договор.
- Се надевам дека другите мерки и чекори ќе бидат полесни, тргнувајќи од фактот дека ова беше најсложениот чекор од страна на мнозинството кое е на власт и според мене веднаш се почувствува подобрување на меѓусебната доверба. Заемната доверба е жив и динамичен процес кој треба секојдневно да се потхранува. Се уште стои прашањето било од информативен, материјален или законски аспект, оние кои претрпеа најмног�� штети во конфликтот независно од која страна, да се третираат како рамноправни граѓани пред Уставот и законите и тоа не би требало да биде хендикеп. Тоа е оној дел што треба да дојде предвид како солидарност, институционално и граѓански, кон тие луѓе, кои без разлика на пристапот кој бил тогаш, треба да се интегрираат во сите процеси во општеството. Тоа ќе биде плус во градење на целокупната клима на доверба, смета вицепремиерот задолжен за спроведување на Рамковниот договор.
Промените кои произлегоа од Охридскиот рамковен договор, посочува Џафери, беа нешто ново за нашиот систем, и донесоа крупни промени било во Уставот или законите, во самата методологија на менаџирање со институциите.
- Ние низ тој процес баравме каде треба да се направат промени. Имаше отпор кој во најголем дел се должи на неразбирање на целите на Охридскиот договор како документ дали тој е во интерес, односно за доброто на една заедница или бил против интересите на друга заедница, што не е точно. Требаше да се инвестира уште повеќе во афирмативната перцепција кај граѓаните дека Рамковниот договор има за цел да ги зајакне институциите создавајќи простор сите да се чувствуваат рамноправни и да бидат максимално можно лојални кон институциите, вели вицепремиерот Џафери.
За да имаат доверба во институциите, според него, потребно е граѓаните да бидат дел од институциите, особено оние кои се сметаат за најчувствителни како МВР, правосудството и оние од областа на финансиите како управувањето со јавни приходи, царината, урбанизмот вклучувајќи го и образованието кои влијаат врз начинот и условите за живеење на граѓаните.
Oд аспект на правичната застапеност Џафери со став дека има добри резултати во државната администрација каде албанската немнозинска заедница е застапена над 20 проценти. Сепак, оценува, постојат законски дефекти бидејќи Секретаријатот за спроведување на Рамковниот како сектор нема влијание во однос на вработувањето во јавната администрација, во даночните и царинските служби, каде треба да се изнајдат механизми за работите да се подобрат за сите заедници. За таа цел, информира дека е во тек истражување како да се утврдат механизми за подобрување на правичната застапеност и во јавната администрација.
- Главната цел е сите да чувствуваат дека не се дискриминирани, дека рамноправно учествуваат во институциите и дека функционираат постулатите на европската демократија во нашата држава, рече Џафери.
Во однос на буџетот со кој располага Секретаријатот за спроведување на Рамковниот договор за 2012 година, вели дека никој од менаџерите на институциите, доколку би ги прашале не би биле целосно задоволни во однос на добиените средства, но додава, за разлика од претходните години има тренд на подобрување во однос на транспарентноста и усогласување на рамката на владината програма, која е заедничка програма на двете најголеми партии кои го добија легитимитетот на последните избори. Таа политичка програма е пресликана во буџетот.
- Ако распределбата на буџетот е транспарентна во таа мера што ја дозволуваат законите тогаш и граѓаните ќе бидат убедени дека тоа се прави праведно, според потребите и согласно финансиските капацитети и оти нема нешто што се крие, рече вицепремиерот Џафери. Во тој контекст вели треба да се има предвид различната развиеност на регионите и потребата за нивен порамномерен развој. На ова прашање, според него, треба да се погледне и од аспект на тоа дека граѓаните без оглед каде се, треба да добијат ист квалитет на услуги, право што им го дава законот и Уставот.
Следната година во програмата на Секретаријатот приоритет имаат неколку крупни проекти во областа на културата, образованието и инфраструктурата. Вицепремиерот Џафери ги издвои изградбата на плоштадот Скендер-бег во Скопје, на нов театар и библиотека во Тетово, спортски објекти за потребите на Тетовскиот универзитет, водовод во општина Липково, реновирање односно изградба на основни и средни училишта во неколку општини и на регионални патишта.
- Плоштадот Скендер-бег за мене има посебно значење од културен аспект бидејќи ќе им овозможи на граѓаните да чувствуваат дека главниот град им припаѓа на сите граѓани без оглед на етничката припадност. Тоа ќе ја подобри севкупната перцепција кај заедниците и ќе спречи манипулации и поделба на граѓаните без оглед од кои политички партии доаѓаат, вели вицепремиерот Муса Џафери.
|