09.01.2012, 14:43 Игор Спасов: „Јас не го убив Мартин Нешкоски!“
„Ако барате обвинет-тука сум, ама ако ја сакате вистината тогаш не гледајте во мене“, рече во својот завршен збор обвинетито „тигар“
Љубиша Станковиќ
„Судењето беше коректно, но му замерам на Јавното обвинителство што овој случај не го доистражи! Јас цврсто стојам на ставот, а тоа го тврдам и сега: Не сум го удрил Мартин по глава. Господ Бог ми е сведок дека е тоа така!“, рече во својот завршен збор сега веќе поранешниот припадник на единцата „тигар“, Игор Спасов, обвинет дека на шести јуни, на централниот скопски плоштад, со умисла, го лиши од живот младиот Матин Нешкоски.
„Долго време рамислував дали да дадам завршен збор и конечно решив дека тоа треба да го сторам од една-единствена причина: тоа им го должам на моето и на семејството на сега починатиот Мартин, бидејќи сите тие треба да ја знаат вистината. Јас не го убив Мартин, ниту, пак имав некој посебен мотив да го сторам тоа. Дали некој друг, пред настанот, со глава, го удрил Мартин по носот поради што дошло до забрзано работење на срцето, јас не можам да кажам, но знам дека јас го немам удрено по глава“, рече обвинетиот Спасов и отвори дилема: Дали некој друг го удрил Мартин по глава и дали тоа лице физички наликувало на неговата градба?
Тој рече дека не треба да се исклучи можноста тоа лице, случајно, да е вработено во МВР, но дека би било коректно судот да ги има в предвид сите докази кои што беа презентитрани.
„Што е, тука е! Знам зошто молчев од самиот почеток и знам зошто сето ова што се случува-се случува. Жално е тоа што згасна еден млад живот и што се повредени две семејства. Ако можам да го вратам времето јас повторно ќе постепев како службено лице, бидејќи однесувањето на Мартин не се вклопува во безбедносниот протокол“, читајќи од својата тетратка го кажа обвинетиот Спасов кој на денешното судење беше без брада и гологлав.
Спасов кажа дека не му е познато дали Мартин Нешкоски имал каков и да е контакт со други лица, но јавно запраша: Дали е можно истите припадниците на Единицата за специјални задачи да се јавуваат на сите места, а никој од нив да не биде работно ангажиран? Обвинетиот рече дека има целосно разбирање за однесувањето на неговите колеги и дека не им се лути за она што тие го кажаа пред судот.
„Не се лутам што пред време ме осудуваат и што ме навредуваат и мене и моето семејство. Сите ние сме опкружени од лоши луѓе! Затоа, ако барате обвинет-тука сум, ама ако ја сакате вистината тогаш не гледајте во мене!“, изјави Спасов на чист литературен македонски јазик што беше уште една новина за него.
Обвинетиот „тигар“ го сврте погледот кон членовите на семејството на покојниот и им рече: „Со чисто срце ќе ве погледнам! Јас не сум го удрил Мартин по глава и не сум имал таква намера. Јас не го убив Мартин. Да знаев како му е на раце ќе го однесев во болница. Јас немав мотив да го убијам!, изјави Спасов и побара пршка од своето семејство, бидејќи тој направил се' што може да го заштити, но и за сето изгубено време.
„Јас Игор Спасов не сум виновен за смртта на Мартин, но оставам на судот да ја покаже својата независност, во која верувам, кога ќе донасе одлука“, изјави на крајот на својот завршен збор обвинетиот „тигар“.
Првосепената пресудата за овој случај ќе биде донесена в понеделник.
Смртта на Мартин Нешкоски, која се случи само неколку часа по затворањето на изборните места, на ланските парламентарни избори, на нозе ја крена младината во повеќе градови во државава. Тие бараа да оставки од првите луѓе на МВР поради прикривање на настанот, негово целосно расветлување и запирање на полициската бруталност. пресуда.
|