30.12.2011, 11:06 Данска го презема претседавањето со ЕУ
Од 1 јануари 2012 година Данска ја презема организацијата со Европскиот совет во текот на следните шест месеци.
Главните цели на претседавањето на Данска со Европската унија ќе биде Европа да стане одговорна, динамична, зелена и безбедна, но бидејќи економската криза во ЕУ е далеку од решение, најверојатно поттикнувањето на економскиот раст ќе биде приоритет на Владата во Копенхаген.
Данска која не го прифати еврото, ќе претседава со ЕУ во време кога опстанокот постоењето на заедничката валута е доведено под знак прашање.
Премиерот на Данска, Хеле Торнинг - Шмит вети дека во следните шест месеци ќе се бори за единство на Европа, но во исто време мора да го реши раздорот дома - дали ќе се прифати се подлабока и поцврста фискална врска во ЕУ. А тоа ќе биде клучно за опстанувањето на еврото, но анкетите покажуваат дека гласачите во десет земји кои се уште не ја прифатиле заедничката монета повторно ќе се изјаснат против заедничката валута.
Данските гласачи го отфрлија договорот од Мастрихт на референдум во 1992 година и потоа државата не се согласи на четирите елементи на пактот: евро, европско државјанство и соработка во областите на безбедноста и правосудството. Гласачите го отфрлија еврото и на вториот референдум во 2001 година.
Најновите анкети покажуваат дека 71 процент од Данците сакаат да си ја задржат својата национална валута - круна (ДКК).
ДДК е поврзана со еврото по крусна разлика од 7,43 за едно евро со што и се дозволува на данската валута да флуктуира во рамките на маргината од 2,25 отсто, а Централната банка на Данска да обезбеди да нема преголем јаз меѓу нејзините каматни стапки и тие на еврозоната.
Данска вети дека ќе придонесе со 40 милијарди ДКК (седум милијарди долари) во планот на земјите членки на ЕУ за канализирање на средствата на Меѓународниот монетарен фонд во борба против кризата.
Данска важи за земја со надпросечен животен стандард во Европа, а ја карактеризира и висок степен на слободна трговија. Според проценките за 2011 година Данска е на четврто место по големината на номиналниот вкупен домашен производ (БДП) по глава на жител, што изнесува 60.961 американски долари.
Според Обединетите нации, Данска има најниско ниво на нееднаквост во приходите, додека според ММФ највисока загарантирана минимална заработка.
Според Светска банка, Данска има најфлексибилен пазар на трудот во Европа, а политиката која придонесува за тоа е позната како „флексикјурити“ (комбинација на флексибилност и сигурност).
На приватните фирми лесно им е да најмат и отпуштат вработени, но тие што ќе останат без работа од државата добиваат многу високи надомести.
Данска со 5,5 милиони жители има работна сила од околу 2,9 милиони луѓе, а меѓу нив голем е бројот со факултетски дипломи, по што земјата е четврта во светот. Според податоците од октомври 2011 стапката на невработеност во Данска била 5,5 отсто, што е значително под просекот во ЕУ, што изнесува 9,8 проценти.
Според Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) Данска има најслободен финансиски пазар меѓу „старите“ 15 земји-членки на ЕУ и едно од најслободните пазари за стоки.
|