29.12.2011, 13:58 Верижен судир пред РЕК Битола
Битола - Шест автомобили утрово верижно се судриле на патот Битола - Новаци кој води до РЕК-Битола. Густата магла и лизгавиот коловоз биле причините поради кои автомобилите се забиле еден во друг, а дел од нив и се излизгале од патот. Нема повредени, а причинета е материјална штета, потврдуваат од битолската полиција.
Очевидци на судирот велат дека чиста среќа била што сите автомобили се движеле со минимална брзина, поради голомразицата, но тешко било да се закочи на лизгавиот коловоз и да се контролира возилото. Судирот се случил пред 7 часот утрото на само неколку стотици метри пред една од капиите на комбинатот, додека вработени од РЕК оделе на работа. Патот кој по селото Новаци води кон комбинатот не бил исчистен од снегот, ниту пак бил посипен со песок. Поради верижниот судир голем дел од работниците во РЕК задоцниле на работа. (А.Б.)
|