02.01.2012, 21:19 Груевски: Делата на Глигоров ќе останат запишани во македонската историја
Премиерот Никола Груевски по повод смртта на првиот претседател на Република Македонија, Киро Глигоров, од името на Владата и од негово лично име, денеска упати писмо со сочувство до семејството на Глигоров.
- Со жалење ја примив веста за смртта на Вашиот близок, и прв претседател на Република Македонија, г-дин Киро Глигоров, се вели во писмото.
Во овие тажни мигови за Вашето семејството, се нагласува, од име на Владата на Република Македонија и од свое лично име, споделувајќи ја Вашата болка и загуба, сакам да Ви ги пренесам изразите на искрено сочувство.
- Киро Глигоров, како учесник во Народноослободителната и Антифашистичка борба и секретар на иницијативниот одбор за свикување на АСНОМ а подоцна и член на Президиумот на АСНОМ, и како прв претседател на самостојната и независна држава, ќе остане запаметен како човек и политичар кој имал сериозни заслуги и придонеси во ослободувањето, создавањето, меѓународната етаблираност и развојот на Република Македонија. Неговите дела ќе останат запишани во македонската историја и во колективната меморија на нашиот народ и граѓаните на Република Македонија.
Нека му е вечна слава!, се посочува во писмото со сочувство од претседателот на Владата на Република Македонија Никола Груевски до семејството на Глигоров.
Иванов: Глигоров доживеа да ја види Македонија како стабилна и напредна држава
Во овие тешки мигови на загуба би сакал да упатам изрази на искрено сочувство до семејството на претседателот Киро Глигоров, стои во пораката што претседателот Ѓорге Иванов ја испрати до семејството на првиот македонски претседател.
Киро Глигоров беше првиот претседател на независна Република Македонија. По извршувањето на повеќе одговорни функции во поранешна Југославија, во 1991 година во македонското Собрание беше избран за претседател на Републиката. Вториот претседателски мандат го доби на изборите во 1994 година. Неговите два претседателски мандати ги одбележа етаблирањето на Македонија како независна држава. Претседателот Глигоров беше носител на Орденот на Република Македонија, прв кој го понесе највисокото македонско одликување.
Претседателот Глигоров доживеа да ја види Македонија како стабилна и напредна држава. Нека му е вечна слава, се вели во соопштението од Кабинетот на претседателот Иванов.
Црвенковски: Македонија го изгуби основоположникот на нејзината независност
Република Македонија го изгуби својот прв претседател, основоположникот на нејзината независност, човекот кој ја водеше оваа земја во еден од најтешките периоди од нејзината понова историја. Киро Глигоров како никој друг ги поврзува двата столба на кои се потпира современата македонска државност-АСНОМ 1944 и 8 Септември 1991, изјави денеска претседателот на СДСМ, Бранко Црвенковски.
Глигоров, како што рече, претставуваше глас на разумот на само во Македонија, туку и во целиот регион и тоа тогаш кога насекаде околу нас владееше националистичко лудило и се водеа крвави етнички војни.
- Благодарение на неговата политика Македонија стана независна и меѓународно призната држава по мирен пат, без жртви и крвопролевање. Прв ја промовираше и застапуваше идејата за интегрирање во ЕУ и НАТО. Овие заложби беа широко препознаени во земјата и во меѓународната заедница. Стара изрека е дека историјата ја пишуваат победниците, рече Црвенковски и додаде дека нема такви победници кои можат да ја избришат грандиозната улога на Глигоров во историјата на македонскиот народ и македонската држава.
- Како партија изгубивме многу, а како народ и држава уште повеќе. Со неговото заминување завршува нашето дружење и соработка. Но,остануваат нашите заеднички желби, надежи и визии за иднината на нашиот народ и држава. Ќе направиме се тие идеи да ги исполниме. Нека почива во мир, додаде Црвенковски.
Андов: Глигоров покажа како треба да се води државата
Со Киро Глигоров судбината сакаше да соработуваме во клучните моменти за македонската историја-создавањето на македонската држава и првите моменти на независна Република Македонија, изјави за „Дојче веле“ првиот претседател на Собранието, Стојан Андов.
- Двајцата бевме на клучните функции во државата -тој претседател на Република Македонија, а јас на Собранието на Република Македонија. Имавме разбирање за клучните работи во тие турбулентни времиња. Двајцата дадовме пример како треба да се соработува. Тоа беа драматични времиња и Киро Глигоров покажа како треба да се раководи и затоа несомнено има историска улога во поновата македонска историја - изјави Андов.
Ахмети: Името на Глигоров ќе остане запишано во историјата
- Претседателот Глигоров и по осамостојувањето се залагаше за понатамошното градење на независна држава како и за зачленувањето на Република Македонија во меѓународни организации, стои во телеграмата со сочувство што ја испрати претседателот на Демократската унија за интеграција, Али Ахмети по повод смртта на првиот претседател на Македонија.
Првиот претседател на независна Македонија, стои во телеграмата, има големи заслуги за целосното и мирно отцепување на Република Македонија од поранешната Југославија без конфликт што несомнено придонесе кон конечниот распад на Југославија.
Дозволете ми уште еднаш да го изразам моето искрено сочуство за загубата на претседателот Глигоров, чие име и дело ќе остане заслужно запишано во историјата на Република Македонија, се наведува во телеграмата од Ахмети.
Тадиќ: Ви изразувам најдлабоко сочувство
Претседателот на Србија Борис Тадиќ упати телеграма со сочувство до македонскиот претседател Ѓорге Иванов по повод смртта на првиот претседател на самостојна Република Македонија.
- Вам и на граѓаните на Македонија Ви изразувам најдлабоко сочувство по повод смртта на претседателот Глигоров, се вели во телеграмата од претседателот Тадиќ до неговиот македонски колега Иванов.
Владата ќе ја почитува одлуката на семејството за погребот на Глигоров
Бидејќи се работи пред се за семеен чин, доколку семејството на Глигоров се согласи, Владата и државните институции сметаат дека е потребно да се организира погреб со највисоки државни и воени почести. Но, Владата ќе ја почитува секоја одлука на семејството Глигорови, сочувјствувајќи со нивната загуба, болка и тага.
Погребот на претседателот Киро Глигоров ќе биде извршен утре (вторник) во 13 часот, во алеата на великаните на градските гробишта Бутел, во Скопје. Телото ќе биде изложено во капела до 12 часот. Според неговата последна желба, погребот ќе биде само во кругот на семејството.
|