05.01.2012, 15:18 Унгарија со Орбан ита кон банкрот
Остриот и едностран курс на унгарскиот премиер Виктор Орбан може да ја доведе земјата до банкрот. Засега нема знаци за успех на преговорите за репрограмирање на дефицитот. Владата говори за теории на заговор.
Пазарите реагираат со голема несигурност во однос на унгарската официјална политика кон кризата. Државната валута - форинтата, драматично ја губи вредноста. Пред четири години, Унгарија мораше да земе кредит од 20 милијарди долари од Меѓународниот монетарен фонд за да спречи банкрот. Отплатата на тој кредит годинава, поради високите камати, би можело дополнително да ја обремени Унгарија, особено доколку владата не успее брзо да ја врати довербата на берзите. Но, тоа во овој момент не е на повидок. Наместо тоа, во Будимпешта се' почесто се говори за теории на заговор против земјата. Владиниот портпарол Андраш Гиро-Шаш вели: „Најновите случувања јасно одат во прилог на тврдењата на унгарската влада дека станува збор за концентриран напад врз валутата на нашата земја. Состојбата не е толку лоша за да се оправда со неа големата девалвација“.
На Унгарија и' се потребни свежи пари, меѓутоа ММФ не сака официјално да преговара за нов кредит со владата. На 11 јануари во Вашингтон ќе има нова рунда разговори, но шефицата на ММФ, Кристин Лагард, јасно стави до знаење дека тоа ќе бидат само „неформални разговори“. Нема датум за почеток на официјални преговори. (Дојче веле)
|