20.01.2012, 18:05 Поглед
Тројка по демократија
Гордана Дувњак
Американската организација „Фридом Хаус“ во годинашниот извештај ја рангира Македонија како „делумно слободна земја“ во поглед на демократијата.
Оценката е иста како ланската. На скалата од 1 до 7, како што би рекле учениците во нивниот слободен жаргон, сме добиле тројче. Бидејќи не бил забележан никаков напредок во развојот на политичките права и граѓанските слободи. Мал напредок е забележан единствено во борбата против корупцијата и изборниот процес, но загрозеноста на слободата на медиумите останува наша болна точка.
Меѓу земјите кои се на листата на 87-те слободни земји, се наоѓаат и некои наши стари пријатели од регионот, како Србија, Хрватска и Црна Гора. А, ние сме сместени во друштвото на 60 држави кои се оценуваат како делумно слободни, рамо до рамо со Босна и Херцеговина и Косово.
Треба ли да не задоволува тоа што не сме во групата на „најлоши од најлошите“, како Туркменистан и Узбекистан, или, пак, на граница како Белорусија и Јужна Осетија? Се разбира одговорот е „не“.
„Фридом хаус“ наведува дека Балканот во 2011 година остварил напредок во демократските процеси и е на пат кон вклучување во Европската унија, но национализмот и притисокот врз слободните медиуми продолжуваат да го загрозуваат процесот на помирување. Во тој дел, посебно во негативен контекст е апострофирана Македонија.
Но, џабе извештаи, џабе мониторирање... Нас мува не не' лази од лошите критики и неповолните оцени било да се тие кажани во медиумите, домашните или меѓународните извештаи. Владата, на само нејзин познат начин успева да ги дискредитира и да ги претвори во плус а не минус. |