11.01.2012, 13:15 „Блиц“: Тито немал вселенска програма
Тито немал вселенска програма, објави денеска српскиот весник „Блиц“ повикувајќи се на експерти упатени во историјата на Југословенската Армија. Вчера на Интернет беше објавен трејлер за проектот „Хјустон имаме проблем“ на словенечкиот режисер Жига Вирц во кој се тврди дека Југославија развила вселенска програма која Јосип Броз Тито во 1961 година им ја продал на Американците.
Во документарниот филм кој допрва треба да биде објавен се тврди дека Тито во воената база Жељава во близина на Бихаќ го изградил најголемиот таен подземен вселенски центар во Европа. Во тој центар наречен „Објект 505“ Југославија наводно развила технологија за лет во вселената и сето тоа врз основа на тајни записи на ракетниот инженер Херман Поточник.
Петар Војиновиќ, пилот и воен новинар, за „Блиц“ изјави дека Југославија никогаш немала вселенска програма.
- Базата Жељава која се соменува во трејлерот се наоѓа во планини и едноставно во неа нема место за развивање на вселенска програма. Освен тоа таа база никогаш не била толку тајна. Таа база е еден од најголемите проекти на Југославија и нејзината изградба чинеше неколку милијарди долари, изјави Војиновиќ.
Тој објаснува дека аеродромот бил надвор на отворено а авионите влегувале внатре за да се зашитат од евентуален нуклеарен напад. Базата е уништена за време на војната во Босна.
- Најмногу од вселенска програма Југославија имаше неколку воздухопловни инженери кои отидоа од земјата да работат за разни вселенски агенции, истакна Воиноиќ.
Чедомир Јаниќ, историчар на воздухопловство, за „Блиц“ изјави дека никогаш не слушнал оти некогашна СФРЈ развивала вселенска програма и дека за неа биле заинтересирани Американците.
- Американците беа заинтересирани за подземниот комплекс Жељава, но по друга основа. Нив тоа ги интересираше во воена смисла затоа што тоа беше еден од најголемите комплекси од тој тип во Европа, еден голем град под земја, објаснува Јаниќ и додава дека во него тогашната држава вложила преку четири милијарди долари.
|